Претставник од Министерството за труд и социјална политика го посети семејството Ристевски

Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Муедин Кахвеџи вчера беше во посета на Општина Демир Хисар. Непосреден повод за денешната посета и неколкучасовен престој беше опожарувањето на куќата на семејството Ристевски во Жван. Придружуван од градоначалникот на општината Љупчо Блажевски и директорот на Центарот за социјална работа Јовче Крстевски,  државниот секретар Кахвеџи најпрвин го посети семејството Ристевски и непосредно беше запознат со последиците од огнената стихија што ја зафати куќата на ова семејство, утрото на 4 – ти ноември. При разговорот со сопругата на сопственикот Славица Ристевска, државниот секретар изјави дека Министерството за труд и социјална политика преку општинскиот центар за социјална работа, на семејството веднаш ќе му исплати еднократна парична помош во износ од 30 000 денари, а ќе биде дониран мебел во рамките на акцијата „Се грижиме за топол дом“. Исто така, градоначалникот Блажевски, уште еднаш потврди дека општината ќе го помогни семејството при набавката на градежен материјал за повторна изградба на кровната конструкција. Помош се очекува да стигне и од локалното местно население, односно нивните соселани Жванчани ќе спроведат  хуманитарна акција за собирање парични средства и ќе учествуваат со доброволна работна сила.

Градоначалникот Блажевски и државниот секретар Муедин Кахвеџи имаа куса работна средба и во кабинетот на градоначалникот на која што се разговараше за некои актуелни состојби во сферата на социјалната заштита во општината, пред се за состојбите и потребите во Детската градинка и Центарот за социјална средба, но и проекциите за изградба на Дом за стари лица во објекти во сопственост на општоната.

На негово барање, Кахвеџи го посети Центарот за социјална работа каде што од директорот Крстевски,  изворно беше информиран за тековните проекти и активности на оваа установа и недостатокот од стручен кадар. Што се однесува до квалитетот на услугите што Центарот, а особено за нивно подобрување и поголема достапност до корисниците, се разговараше за можноста од отворање на дисперзирана канцеларија на Центарот во некое од населените места во Горни Демир Хисар.

Од посетата на Детската градинка и разговорот со директорката Сузана Димовска и дел од вработените, произлезе заклучокот дека во овој период е евидентно рапидно зголемување на бројот на децата, а во моментов градинката не располага со доволен и стручен кадар.