Пред арслан мустаќ да не сучиш (13)

Дојде од Скопје при крајот на 60 – тите години. Тогаш ете, да се дојде од Скопје и живее во Кичево беше возможно и нормално, како е денес знаеме сите. Веднаш делеше од сите нас по скопскиот сленг. „Ај да те .бам у гс“, му беше како добар ден.

Беше одличен познавач и мајстор за оправка на мотори. Покрај неколку минорни дуќани и еден попознат „Аполо“ кој поправаше бицикли и мотори, не му беше тешко тоа време да се пробие како нов. Почнаа да се собираат најразлични типови на моторџии, од Томос па до Пух. Имаше чалам и стратегија во „освојувањето на пазарот“.

Работилницата му беше на баш место, на фреквентна улица (фреквентно за она време = во 10 минути една кола – службена да помини), залепена до куќата (колективна) каде живееше. На едната страна, на видно место вадеше да се види „Гилера“ мотор, а на другата страна до работилницата „Пух“ мотор, колку да се знае „портфолиото на фирмата“.

Сакам да напоменам дека Пухот имаше 350 кубици и беше најсилен мотор во Кичево заедно со полициските Јави со ветробран, кои исто беа 350 кубици. Од понуда тогаш во градот имаше и Чезетки (ЧЗ – чешки) од 250 кубици, Јави од 90 кубици, по некој „Претис“ и „DKW“ и се другото Томос. Сакавме да сме во близина, зошто не пленеше звукот на моторите што ги поправаше. Секој, ама буквално секој кој се сметаше себеси за моторџија, доаѓаше тука на муабет, консултација или да е виден, мотив повеќе за нас да сме „во кругот“. Го „освојувавме“ на начин што кога ќе му притребеше клуч за отворање, одевме до работилница (поправките ги вршеше пред неа).

Штом веќе се здобиевме со доверба, ни даваше пари да скокнене да купиме внатрешни гуми по потреба. Последен степен на доверба, беше кога ќе можиш да свртиш еден круг со Томос аутоматик или 3 брзинец пред школоно „Кузман Јосифоски – Питу“ во дворот, преполн со пржал. ….„Слушај…… пссст……ќе викнеше погласно, а ние сите молк, ……. „слушај како .уда дишу…….“

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Секогаш кога ќе се случеше поголема кражба или грабеж во Кичево (беа ретки), ќе го снемаше еден ден – два. Не еднаш, не два пати, не издржа, си ја раскажа „темната страна“ на животот. Изнервиран после секоја кражба, редовно на шиканирање во полиција и настојувањето да им биде „тастер“. …… „Им кажав да ги .ебам у гс, нека си бараат други, јас су семеен човек (доби 2 ќерки) и сум расчистил со тоа ……..“ Кажа дека одлежал во Идризово многу пати за бурното минато и дека ставил точка на таа страна од животот. И навистина беше така.

После секое вистинско алиби кое го давал во „милиција“, се враќаше на работа нормално. Многу пати повикан, секогаш чист. Од некаде го донесе ветрот, почна да се врти тука и еден дечко од блиско село до Кичево, баѓи повозрасен од нас. Арамија прва класа, од хеликоптер се приметуваше. …. „Кога не сум тука (одеше по резервен дел до продавници), него ќе го држите на око“……. ќе ни заповедаше мајсторот.

– „Мајсторе по мала нужда да појда“ ?…. се слушна молба. WC – то (импровизиран клозет од штици ) се наоѓаше 7 – 8 метри право со улицата на која беше работилницата, потоа се вртеше лево и на 5 – 6 метри, беше залепено со куќата. …. – „Оди, ама цело време со устата ќе свириш, а со рацете ќе аплаудираш без застој“, му заповеда мајсторот. Ни се сврте и ни рече: – „Он на мене, на арслан* мустаќ ќе му сучи“, се „лизнав“ и го пуштив со мој мотор пред некој ден да ми купи резервен дел….. Следниот ден на истиот мотор истушена гумата, ја отворам и што ќе видам, 15 лепенки, ја сменил новата со „негова“ стара и скоро неупотреблива“. Отиде, ја донесе порачката, во меѓувреме ја сменил новата со стара гума и се тоа за 20 минути, – „кога успеа, мамата у гс да му .бам, капуцинер* Нека аплаудира и свири сега, со .урот не ќе краде да го .бам у гс !!!

И кој знае кај ќе беше крајот на ова дружење со мајсторот, ако ние љубопитни и „освојувачки“ настроени не почнавме да чепкаме од поголемите мотори, да даваме туража, менуваме брзини на незапален, паркиран мотор. Еднаш мајсторот итно требаше да појде во чаршија по дел, се качи на Пухот, удри на курбла неколку пати, не запали моторот. … „Туркајте“ …..викна. Иста шема, го ставаше во втора брзина при туркањето, ако не запали во прва. Не запали, го преврати во прва, запали моторот со силен звук и полета неконтролирано од место ко ракета.

Добри 30 – 40 метри ко ветрушка, шал обесен се вееше на моторот, де запаѓај, де врати се на седиште, ич малку 3 – 4 пати така и успеа, го заузда. Се врати назад, зелен, црвен жолт ко семафор, бесен Рис…..- „кој чепкаше у туражава“ ? ….Никој нема гс, да се јави, а ?! Ајде од денес да не ве видам никој овде“. После разбравме, од нашето „филмување“ на големите мотори, некој ја заглавил сајлата од туража на Пухот „до даске“ ……….

Kапуцинер* = вид на мајмун.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако