ФОТО: Премиера на „Трето полувреме“ на фестивалот „Браќа Манаки“

Категории: Македонија, Слајдер

Со долг аплауз и овации, публиката во преполниот Центар за култура во Битола синоќа ја награди екипата на „Трето полувреме“ која излезе на сцената по премиерата на филмот.

Режисерот Дарко Митревски рече дека филмот е посветен на Нета Коен и  дека идејата е од пред 12 години кога неа ја запознал и му станала  инспирација за филм, од чија животна приказна, како што рече, и денес не може да остане емотивно рамнодушен.

– Ми ја раскажа својата животна трагедија, ми раскажа како го загубила своето семејство и ми ја раскажа својата голема победа – како низ нејзината, за она време забранета љубов, продолжила лозата на нејзините предци, рече Митревски.

Филмот го посвети и на 11-те члена на спортскиот клуб „Македонија“, за кои исто така раскажува филмот, на 98 отсто Евреи од Македонија кои во 1943 се убиени во логорот Треблинка, на 20.000 животи загубени во фашизмот во Втора светска војна.
– Да не беа тие луѓе ќе немаше ни фестивал, ќе немаше ни кинематографија, ќе не немаше ниту нас. А ќе ја немаше ни Македонија, рече Митревски.

Поради големиот интерес на публиката за која се малку 800-те места во Центарот за култура, по премиерната имаше и репризна проекција.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот Ѓорге Иванов, кој  на „Трето полувреме“ и на „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски им посака успеси на фестивали и прикажувања во кината низ светот.

Шефот на државата и ја врачи Специјалната награда „Златна камера 300“ на француската актерка Катрин Денев, ексклузивна гостинка на фестивалот. Специјалната награда „Златна камера 300“ за придонес во светската кинематографија на австрискиот кинематографер Кристијан Бергер му ја врачи Горјан Тозија, претседател на Друштвото на филмските работници на РМ.

Бергер, кој е познат по соработката со режисерот Михаел Ханеке, им порача на директорите на фотографија дека најважната алатка секогаш ја имаат во себе, а тоа се очите, мозокот и срцето. Рече дека за еден кинематографер нема добра шанса без добар режисер. Денев, пак, додаде дека актерот не е многу без кинематограферот.

– Првпат сум во Македонија и задоволство ми е што сум тука и што ја делам наградата со Кристијан Бергер чија работа многу ја ценам, рече филмската дива. Таа денска ќе има средба со филмофилите и новинарите, а во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Последното метро“ за кој  е наградена со „Цезар“.

ФОТО: Македонска Информативна Агенција

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,