На родното село Премка, Цветан Наумоски му подари нова камбанарија

Цветан Наумоски од Кичево, на родното село Премка му подари нова камбанарија , која беше завршена во месец август.
– Од поодамна бев во намера на моето село Премка да му подарам нешто, по што ќе бидам засекогаш запаметен.Не беше воопшто тешко да ја донесам оваа одлука, бидејќи камбанаријата во моето родно село Премка, под забот на времето беше во опасност  да се сруши. Знаејќи дека црквеното ѕвоно за селската црква „Св.Атанасиј “ го подарил мојот дедо, одлучив да изградам целосно нова камбанарија и да го употребам ѕвоното што веќе беше купено од моите предци-рече Цветан Наумоски, кој на 26 јуни ја почнал изградбата на новата камбанарија која беше завршена во месец август.
На самиот почеток на работите беше организирана голема свеченост, беа поканети сите селани а се служеше шведска маса за сите добронамерници и верници кои дојдоа пред црквата „ Св.Атанасиј“ во тоа јунско претпладне.
Наумоски покрај камбанаријата во родното село, помагал и подарувал и на други цркви во регионот .
-Не е мој подарок само камбанаријата во родното село , туку сум помагал и на цркви во други села, така што на жителите од село Пополжани им помогнав за својата црква да обезбедат нова столарија , прозорци и врати ,за што донирав 3000 евра. Исто така голема помош дадов за црквата во село Дупјани, но и многу други верски објекти. Само да потсетам дека за новата камбанарија во родното село Премка издвоив над 20 илјади евра, не сметајќи ги останатите трошоци кои попатно ги направив-додаде тој.
Жали што македоснкото село е празно и негова намера е сите да се погрижат  во нашите села да се повратат дел од поранешните жители.
-Како и останатоте македонски села така и моето Премка, од некогашните 80 куќи  денес брои едвај  20-ина куќи, во кои има по 2-3 постари жители.Училиштето одамна не работи а новороденче нема веќе со децении. Затоа сакам да спроведеме глобална акција за заживување на македонските села во нашиот крај.Впрочем само со богато село ќе имаме  и богата држава-заврши Наумоски.
Текст и фотографија: Зоран Антоски