Денес е Преподобен Нектариј Битолски

Категории: Македонија

Преподобен Нектариј се родил во Битола и на крштението бил наречен Николај. Неговата мајка, кога работеле на гумното, задремала и во сон ја видела Пресвета Богородица, која им заповедала веднаш да бегаат и да се сокријат, зашто разбојници ќе го нападнат нивниот крај. Таа му го раскажала на својот маж видението, ги зеле децата и се сокриле додека да помине опасноста. Така благочестивото семејство било спасено со застапништвото на Пресвета Богородица. Овој настан оставил силен впечаток во душата на малиот Николај.

Таткото на Николај, кој веќе бил остарен, се договорил со својата сопруга; тој со Николај и со другиот син – да заминат во блискиот манастир „Свети безсребреници Козма и Дамјан.” Таму тој бил пострижен во монаштвото со име Пахомиј и се подвизувал, воспитувајќи ги своите синови во стравот Божји и правилата христијанската добродетелност.

Околното население секоја година на празникот на светите Безсребреници (1 јули и 1 ноември) масовно ги посетувале богослужбите во манастирот, секој носејќи свој принос од плодовите на своите рацете и од својата земја. А, манастирот поставувал народна трпеза за сите поклоници. Еднаш снемало вино токму кога требало да бидат послужени дојдените гости. Тогаш се случило чудо – кога тројцата посегнале да го измијат празниот сад, тој се покажал полн со убаво вино. Тоа чудо на светите Безсребреници за втор пат го потресло младиот Николај.

Но, тој манастир бил многу посетуван од народот и не бил сосема тивко место за сосредоточен созерцателен духовен живот. Затоа Николај отишол на Света Гора Атонска, каде што се потчинил на еден духовен старец – Дионисиј Јагарис (наречен така по келијата на Светите Архангели во Кареја, каде што тој живеел). Старец Дионисиј бил син на познат цариградски велмож, но се одрекол од сè и се населил на Света Гора, под духовното раководство на тогаш-прочуениот атонски старец Филотеј.

Дионисиј го примил при себе благочестивиот Николај, но не веднаш, туку прво му го претставил на својот духовен отец, старец Филотеј. Тој имал од Бога дар на прозорливост, заради што, и пред Николај да му каже било што за себе, старец Филотеј ги нарекол по име и него и татко му и го примил со љубов како свое духовно чеда. Николај скоро бил замонашен со името Нектариј. Како монах строго го исполнувал својот голем завет, со безусловно послушание кон својот старец.

Прво искушение што требало да го победи биле помислите против старецот. Демонот за цел имал да го оддели од старецот, за да може полесно да го победи подвижникот што ги отфрлил молитвите и советите на старецот. Бидејќи тоа искушение не успеало, непријателот против Нектариј наострил некој друг послушник на старец Филотеј. Неговата злоба стигнала дотаму што тој послушник ги условил старците; или да го изгонат Нектариј, или тој ќе го убие и него и себе. Старците трепереле од ужас кога ги слушале тие негови ѓаволски замисли. Напразно се труделе да го вразумат несреќникот, убедувајќи го и молејќи го да го смири своето срце и да се ослободи од злобата и зависта; напразно го заплашувале со Божјиот суд и со геената, тој ништо не сакал да слуша и настојувал да биде исполнето неговото барање.

За да го стишат гневот, старците му предложиле на Нектариј да ги напушти за кратко време, додека да се осознае завидливиот брат. Се помолиле за него и го испратиле при тогашниот прот на Света Гора (претседател на светогорската управа) Даниил, кој го приммил со љубов и го раководел со татковска грижа во подвизите на монашкиот живот.

Додека Нектариј живеел при старец Даниил, умрел богољубивиот Филотеј во длабока старост. Тогаш преподобниот Дионисиј не сакал повеќе да го трпи однесувањето на оној послушник и го отпуштил да бара друго место и друг старец, а при себе го повикал Нектариј како свој брат по дух. Така двајцата заживеале мирно, прехранувајќи се со трудот на своите рцете и дури им помагале на бедните колку што можеле. А, нивниот несреќен брат не се смирил и не се покајал, преминувал од место на место, потоа ја напштил Света Гора и се вратил во светот, се предал на невоздржливост и очајно го завршил животот без исповед и света причест.

Конечно и преподобен Дионисиј, по многуте неволји и трудови на монашкиот живот, мирно се преставил при Господа. Оттогаш преподобен Нектариј презел крајно строги пустински подвизи. Додека прекумерното постење и бденијата ги истоштувале неговите телесни сили, неговиот дух сè повеќе закрепнувал и се окрилувал.

Непријателот го гледал тоа и се обидувал во во него да побуди чувство на малодушност и самосожалување. Така преподобен Нектариј бил поразен, како некогаш Јов, со необични телесни болести. Но, вистинскиот подвижник останал неколеблив. Преподобниот ги поднесувал страдањата и болестите со голема трпеливост и благодарност кон Бога и така се здобил со уште поголема благодат. Откако сосема се очистил во тие страдања, како злато низ оган, мирно го предал својот дух на Господа, на 5 декември 1500 година.

По 4 години, неговите ученици го отвориле неговиот гроб и почувствувале рајски благомирис од неговите свети мошти. Тогаш направиле ковчег на кој го изрезбале неговото лице, ги положиле во него моштите и го поставиле во црквата.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , ,