Проблеми со спроведување на рамковниот договор во општини со градоначалници Албанци

Во Собранието се одржа надзорна расправа за процесот на децентрализација. Во текот на расправата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Харалампие Шокароски праша   дали во општините каде Македонците не се мнозинство  и во кои има градоначалници Албанци се спроведува Рамковниот договор во делот на почитување на правичната застапеност за бројот на вработувања и процедурите со Бадинтерово гласање за одлуките кои ги засегаат сите заедници.

– Имаме доста информации, конкретно за петтата изборна единица, за прекршување и неносење одредени одлуки според Бадинтеровиот принцип, или пак за несвикување на локалните комисии за односи меѓу заедниците. Како пример, во Општина Струга сите програми за образованието  не се донесени со Бадентеровиот принцип, ниту пак е свикана Комисијата за односи меѓу заедниците. Неодамна вработените во  Кичево беа засегнати со одредени процеси, имаше отпуштање пред се на етнички Македонци. За во општина Сарај имаме информации дека не се почитува правичната застапеност односно дека нема вработени Македонци, рече Шукаровски и додаде дека е потребен одговор и за почитувањето на законите за истакнувањето на националните симболи.

Министерот Хани  укажа дека за спроведување и почитување на тие законски  одредби се грижи Државниот  инспекторат за локална самоуправа и најави дека наскоро во соработка со таа институција ќе понуди детална анализа за состојбите во сите општини.

– Вистина е дека во одредени општини имаме проблеми кои се покренати од Државниот инспекторат и во оваа насока мислам дека  сме активни. Сме дискутирале  со директорот на инспекторатот кој ќе излезе на терен и ќе види како се почитува функционирањето на комисијата за односи меѓу заедниците, употребата на албанскиот  јазик и симболите како и почитување на правичната застапеност. Третирани се некои проблеми во РМ со кои  во  рамки на Државниот инспекторат  се уште не е евидентиран некој потежок прекршок  во однос на нефукционирањето на  комисиите за односи меѓу заедниците, рече Хани и додаде дека во Општина Струга Државниот инспекторат се уште не излегол на терен.