Проект Биовил – преглед и мобилизирање на мерки за обновливи извори на енергија

 

Проектот Биовил, како дел од Програмата на Европската Унија за истражување и иновации – Хоризонт 2020, ја промовира употребата на модерни системи за греење на биоенергија, особено биомаса, но и други обновливи извори на енергија, како и примената на мерки за енергетска ефикасност во објекти.

Севкупната цел на проектот Биовил е да го поддржи развојот на регионални биоенергетски концепти и основањето на биоенергетски села во Македонија, Романија, Словенија, Србија и Хрватска. Во Македонија, целна општина е Кичево. Покрај развој на концепт за мал систем за централно греење на биомаса во Кичево, проектот Биовил ги поддржува и индивидуалните системи за греење во домаќинства коишто не можат да се приклучат на мрежа за централно греење поради нивната оддалеченост.

Модерните и енергетски ефикасни системи за греење на биомаса за домаќинства (котли и печки на биомаса) користат дрвени горива како што се огревно дрво, дрвени сечки (дрвен чипс), пелети и брикети и работат автоматизирано и согласно моменталните потреби. Тоа значително ја зголемува удобноста на корисниците. Единствено, отстранувањето пепелмора да се изврши рачно, но еднаш месечно или на неколку месеци. Споредено со застарените технологии, може да се заштеди на гориво и на финансиски средства, со што инвестицијата во една модерна печка се враќа за кратко време. Инсталирањето на резервоар за топла вода дополнително ја зголемува ефикасноста на системот. Модерните системи за греење на биомаса можат лесно да се искомбинираат со други системи на обновливи извори на енергија, на пример соларни колектори или топлински пумпи и да го снабдуваат домаќинството со топла санитарна вода преку целата година. Со оглед на локалното производство и потрошувачка на дрвени горива, системите за домаќинства нудат можности за зајакнување на локалната економија и истовремено ја намалуваат зависноста од увозни фосилни горива, со што ги ублажуваат влијанијата врз животната средина. Дрвото се смета за обновлив извор на енергија доколку се искористува одржливо.

Денес, постојат повеќе финансиски и нефинансиски програми и механизми за поддршка на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност наменети за домаќинствата во Македонија чиј преглед е претставен во понатамошниот текст. Последната национална програма, усвоена од Владата на Република Македонија, е Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, која го одредува начинот, условите, критериумите и процедурата за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2018 година. Средства во вкупен износ од 50 милиони денари ќе се искористат во текот на оваа година за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени: a) соларни колектори, до 30% од инвестицијата, но не повеќе од 300 евра по домаќинство; б)ПВЦ или алуминиумски прозорци,до 50% од инвестицијата, но не повеќе од 500 евра по домаќинство; в) печки на пелети, до 50% од инвестицијата, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Субвенциите ќе ги распределува Министерството за економија, а доделувањето на надоместокот ќе се врши според принципот “прв пријавен, прв услужен”. Јавниот повик е отворен за домаќинствата до 31 август 2018 година. Граѓаните треба да пополнат апликација која може да се земе од архивата на Министерството или да се спушти од неговата веб-страница. Потребно е да се приложи и доказ за извршената набавка.

Во последните години и Градот Скопје кој обединува десет општини, со цел да ги стимулира домаќинствата да користат обновливи извори на енергија за греење кои ќе го намалат загадувањето на животната средина и ќе ги ублажат климатските промени, отвора јавни повици за субвенционирање на набавка на печки на пелети за домаќинства кои немаат пристап до централното греење во градот. Субвенциите се во висина до 70% од инвестицијата, но не повеќе од 500 евра по домаќинство. Откако домаќинствата ќе се изберат, имаат рок од 15 дена да ја купат и инсталираат печката, по што одбрана комисија прави теренски увид.

Од општините низ Македонија, Општина Битола, исто така обезбеди надомест за набавка на печки на пелети во износ од 20 илјади денари по домаќинство или вкупно 6 милиони денари предвидени во општинскиот буџет за 2017 година.

Целната општина во проектот, Општина Кичево, досега нема обезбедено субвенции за системи за греење во домаќинства. Сепак, во годишната Програма за поддршка на локалниот економски развој на општината за 2018 година, предвидени се средства во висина од 500 илјади денари за афирмација на проекти кои придонесуваат кон енергетски заштеди, користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина.

Од друга страна, нефинансиските мерки се исто толку важни колку и финансиските мерки. АД ЕЛЕМ, како најголем производител на електрична енергија во земјата, на својата официјална веб-страница има поставено калкулатор за пресметка на месечната и годишната потрошувачка и месечните и годишните трошоци на електрична енергија на едно домаќинство. Граѓаните можат да го внесуваат бројот на електрични уреди во својот дом и времето на користење на истите во текот на деноти да ја надгледуваат сопствената потрошувачка и направените трошоци. Исто така, операторот на дистрибутивниот систем ЕВН има основано Платформа за енергетска ефикасност во соработка со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Република Македонија. Во рамките на платформата, ТВ-серијалот „Енергетска азбука“ ги информира граѓаните за електроенергетскиот систем и за важноста на енергетската ефикасност, додека ТВ‑серијалот„Енергетска математика” ги подучува крајните корисници за начинот и количеството на потрошена енергија и како, преку промена на навики и мали инвестиции, големи енергетски заштеди се возможни. Во платформата се вклучени и билборди, посебни веб-страници, активности на социјалните медиуми, наградни игри на Фејсбук и видеа со епизоди од серијалите на Јутјуб.

Може да се заклучи дека мерките и активностите за подигнување на свесноста кои ќе поттикнат промени во однесувањето на сите нас, се првиот чекор кон заштита на животната средина и на климата. Потоатреба да следи имплементацијата на мерките за зголемување на енергетската ефикасност, кои ќе ја намалат потрошувачката на енергија во објектите, при што сите потреби и понатаму ќе бидат задоволени и секако, искористувањето на обновливите извори на енергија преку ефикасни енергетскитехнологии и системи. Сето ова е причина зошто општините во Македонија треба да мобилизираат најразлични мерки, да настојуваат да применуваат сопствени програми за енергетска ефикасности обновливи извори на енергија и да одвојуваат средства од своите буџети за активности и субвенции за своите граѓани. На крај, граѓаните треба да аплицираат на јавните повици и да ги искористат можностите дадени од општините или централната власт.