Путин: Македонија може да биде на главната траса на „новиот Јужен поток”

Putin novinari

Рускиот претседател Владимир Путин, во својата неколкучасовна прес-конференција во четвртокот, ги посочи Македонија и Грција како можни алтернативи на Бугарија, за проектот за транспорт на гас до Европа. Русија неодамна се откажа од проектот за изградба на Јужен поток, гасоводот кој требаше да спроведе руски гас преку Црно Море, Бугарија, Србија и Унгарија до Австрија, заобиколувајќи ја Украина. Новата руска најава е за изградба на гасовод под Црното Море до Турција, со тоа што опциите за транспорт на гасот до Европа дополнително би се утврдиле, пренесува МИА.

– Одлуката главно ќе зависи од нашите европски партнери. Дали сакаат стабилно, загарантирано и апсолутно транспарентно снабдување со енергенси од Русија, кои им се апсолутно неопходни, и тоа без ризици при транспорот. Ако сакаат, одлично! Можеме да почнеме да работиме на гасовод до Македонија, преку Грција, кој ќе продолжува кон Србија и ќе оди до Баумгартен во Австрија. Ако не го сакаат, тогаш нема да го градиме. Но, факт е дека нема поевтин и посигурен снабдувач од Русија, и во блиска иднина нема ниту да има, изјави Путин на прашањето како понатаму ќе се развиваат руските проекти за извоз на природен гас.

Баумгартен во Австрија е голем центар за складирање природен гас кој се користи за снабдување на Европа и низ кој поминува најголем дел од рускиот природен гас увезен преку Украина и Белорусија. Европската Унија, која со години поставуваше голем број законски и регулаторни обврски кои го попречија проектот Јужен поток, се уште бара дополителни појаснувања од Русија за најавата на претседателот Путин дека се откажува од овој проект. И новата бугарска Влада се изјасни дека не е против изградбата на гасоводот, кој требаше да и донесе стотици милиони евра само за транзит, преку нејзина територија. Но, и Грција најавува дека сака да се претвори во главна порта за транспорт на гас до Европа, при што гасот понатаму би можел да биде транспортиран преку Бугарија, Македонија, Албанија или Јонското Море до европските пазари.

Првичниот план за проектот Јужен поток предвидуваше Македонија да не биде на главната траса на гасоводот, туку само да добие помала, снабдувачка линија која би била доволна за потребите на македонските домаќинства и за развој на индустриските гранки кои бараат големо количество на ефтини енергенси. По откажувањето на Јужен поток, ова е прва директна најава дека Македонија, место споредна, може да добие една од главните улоги во проектот.

 

Погледнете го целосното видео