Ракометарите извадија реми со Чешка

Благодарение на голманот Борко Ристовски македонската машка ракометна репрезентација се враќа не поразена од Злин, по дуелот со Чешка во квалификациите за Европското првенство 2016 година, што ќе се одржи во Полска.

На натпреварот од 2.коло во шестата квалификациска група, Чешка и Македонија одиграа нерешено 27:27 полувреме 18:11.

По лошото прво полувреме, во кое избраниците на селекторот Обрван во два наврати имаа предност од три голови 2:5 и 3:6, а на паузата заминаа со негатива од 7 голови (18:11), во вториот дел сосема поинаква слика на теренот.

Чесите го реализираа првиот напад, па во 31-минута имаа и највисоки +8 (19:11), но црвено-жолтите предводени од голманот Борко Ристовски не се предадоа, па на осум минути пред крајот успеаја да го израмнат резултатот (25:25). Иако капитенот Кирил Лазаров имаше и две шанси да ни донесе водство, сепак, тоа не се случи па во последната секунда од мечот, спасуваше Ристовски, кој со својата 21-ва одбрана и донесе значаен бод на Македонија.

Кирил Лазаров најефикасен беше во нашата репрезентација со 10 постигнати голови, додека Филип Миркуловски реализира 5, а Дејан Манасков беше стрелец на 3 гола.

Во вториот натпревар од оваа група, во Базел играат Швајцарија и Франција.

Во следните два натпревари македонските ракометари за противници ќе ги имаат актуелните олимписки и европски шампиони Французите.

Табела: Франција 2 бода (-1 натпревар помалку), Македонија 3, Чешка 1 и Швајцарија 0.