Резервна татковина

Категории: Магазин, Слајдер

Си бил еден Исмаил, најпрв фудбалер во градот под Пониква. Жилав, пргав, не многу крупен. Како што се пробиваше и по 2-3 гола забиваше. И дојде време да ги закачи копачките на шајка. Готово е, рече, со фудбалот. И оти беше од еснавска фамилија, градски човек, Турчин, не се фати да сади ориз, ниту пак да отвори пиљара. Исмаил отвори кафеана. Со секое кафе, ратлук даваше, со секое коњаче и коцка шеќерче. И излезе глас на кафеаната, а и тој оти така ѕвездалија човек беше и со спортот и со муабетите со најпрвите другаруваше. Од општината, од комитетот, борци од НОБ, градоначалници, републички функционери. Се фрлаше табла во кафеаната, се поигруваа и карти и шах. Се кроеше во кафеаната не само општинската кадровска политика, ами и некои републички проекти беа зачнати онде. Затоа сите се изначудија кога еден ден Исмаил ја продаде кафеаната и замина во Стамбол. Пари не му фалеа, друштво колку сакаш, куќичка убава, две ниви под наем ги даваше, а може и швалерка имаше. Не се знае.

По пет години му дојавил со телеграма на некој од пајташите негови оти ќе дојде да се извиди со старите пријатели. И целиот град живна во исчекување на доаѓањето на Исмаила. Сите со нетрпение очекуваа да го видат пак. Дали е останат ист, да не е одртавен. Другарите го пречекале на бугарската граница и го однеле право во некогашната негова кафеана. Гледа човекот, неможе да се изнарадува. Се исто како порано. Истиот инвентар што го оставил, дури и едно келнерче било истото, истите луѓе истите муабети, истите песни и мајтапи, табла, шах, карти… Два дни по везден пиење, велат, не можел да се опие од срцето што му било полно. Потем, пак, три дни неможел да се отрезни. Броените денови бегаат бргу. Исмаил врзува муабет што повеќе да каже за таму.

-Куќа, велел, направив на три ката и дворче имам. Првиот спрат го направив  со парите од електричниот шпорет што го продадов, што го однесов од тука. Па го продадов фрижидерот што од тука го однесов и го направив вториот кат. За третиот кат прибрав нешто. Телевизорот уште го чувам. Кога отидов таму се уште немаше во боја. Голем град многу народ, можело да се печали. Да не се жалам, се е добро, велел човекот, та нели Стамбол е царски град, султански. Само една маана, вели, има. Има многу Турци. И потем сите се кикотеле на шегачењето. Дошло време да си оди назад во Стамбол.

-Ќе ви пишувам им рекол на пријателите – влегувајќи во рејзот. Понекогаш и на телефон ќе ви се јавам.
На третата недела од неговото заминување, не знам по кои канали се разбрало, Исмаил ја предал душата на Алах и се преселил на небото. Како што се дозна подоцна по враќањето во Стамбол, Исмаил начисто се променил. Секој ден акал низ големиот град, од Капали чаршија до Аксарај, од Галата до Таксим и ја барал неговата кафеана. Навечер се враќал истоштен и плачел како дете пред жената и децата избезумен дека му ја нема кафеаната., му ги нема другарите.

-Муабетите ми се останати таму во кафеаната, морам да ја најдам – бладал човекот.

И така секој ден. – Ќе му помине-им велела мајката на децата. Татко ви е цврст човек, спортист, ќе му помине. Возбуден е од последнат средба со родниот крај. Долго живеевме таму. Таму останаа спомените за младоста. Нив ги бара.

И дури се досетиле да го водат човекот по доктори, ваму таму, на третата недела кога сонцето веќе било над Босфорот, Исмаил се обесил на чаталот на дуњата во дворот, со лицето свртен кон Македонија. Бил облечен во сино-белиот дрес со број девет и излитените црни тренерки. Во џебот му бил веќе потрошениот билет, со кој патувал до Македонија и старата лична карта со кирилични букви.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , ,