Заменик-министерот Сајкоски во посета на општина Маврово – Ростуше

Заменикот министер за локална самоуправа Горги Сајкоски и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска Гугоска ја посетија општина Маврово и Ростуша.

На состанокот со градоначалникот  Мукрем Мехмеди се разговараше за актуелните проекти во општината, особено за проектите за прекугранична соработка со Албанија.

Како што истакна градоначалникот на општината, Маврово и Ростуша имаат проект за изградба на затворени пазари во населените места Маврово и во Ростуше, како и за изградба и воспоставување на Инфо терминали во општината. Исто така се реализира и изградба на велосипедско-пешачка патека Ростуше – Дуф.

Заменикот министер Сајкоски ја поздрави иницијативноста на градоначалникот за реализација на овие и на нови проекти и ја истакна поддршката на Министерството за локална самоуправа.

-Министерството за локална самоуправа развојот во планските региони и во општините оваа година ќе го поддржи со 60 милиони денари наменети за развојни проекти. Заедно со проектите за прекугранична соработка, кофинансирани исто така од Министерството за локална самоуправа, создадени се услови за менување на амбиентот  и подобрување на условите за живеење, на задоволство на граѓаните, истакна Сајкоски.

Државниот секретар Цветановска-Гугуска истакна дека Министерството за локална самоуправа им стои на располагање на општините за сите прашања кои што се упатени до централната власт.

-Има начин Министерството за локална самоуправа да застане зад реализацијата на различни иницијативи од општините и затоа е потребно да делуваме партнерски. Во наредниот период и Министерството ќе иницира иновативни проекти насочени кон подобрување на услугите за што ќе ни биде неопходна соработката со општините, рече Цветановска – Гугоска.