Заменик-министерот Сајкоски на работен состанок со 27 градоначалници

Категории: Македонија, Слајдер

Заменик-министерот за локална самоуправа Ѓоргија Сајкоски викендов одржа работен состанок со градоначалници и претставници на 27 општини кои имаат намалување на приходите од 20 отсто по основ на собирање на данок на имот.

– По информацијата што ја достави Министерството за финансии до Владата, во која детектираше некои слабости што ги имаат општините, односно намалување на приходите од 20 отсто по основ на собирање на данок на имот, Министерството за локална самоуправа беше задолжено да одржи состанок со сите општини кои имаат таков проблем. 27 општини не го собрале данокот во шестмесечниот период, рече Сајкоски.

На состанокот, како што истакна, сакаме заеднички да го утврдиме проблемот, а градоначалниците имаат волја тој да се надмине.

Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС рече дека данокот на имот е актуелно прашање во ЗЕЛС во последните три-четири години.

– Затоа испративме писмо до Министерството за финансии и до УЈП. Го одржавме првиот состанок и се договоривме да се организира обука за сите службеници во општините кои работат на даноци на имот. Испратени се покани до општините да назначат колку луѓе ќе учествуваат на обуката и побараваме да ни пратат кои се проблемите за кои сакаат да се разговара и да добијаат конкретни упатства и одговори, рече Перишиќ.

Таа информира дека побарале од Министерството за финансии да назначат и претставник од второстепена комисија, а планираат да ги искористат искуствата од општините кои редовно собираат данок на имот.

Перишиќ додаде дека размислуваат за подобрување на софтверските капацитети во општините, преговараат со ЕУ за да се обезбедат средства и да се направи унифициран софтвер кој ќе го користат сите општини во Македонија, и кој ќе биде многу посовремен.

Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски рече дека данокот на имот го собираат најмногу во втората половина од годината. Секоја година во првите шест месеци, како што рече, имаме помала наплата, а во втората половина тоа се надополнува.

Градоначалникот на Боговиње Хазби Идризи рече дека во 2009 година извршиле ажурирање на даночната база, а претходно немале податоци за тоа колку даночни обврзници има Боговиње.

– Ние живееме во селска средина и во првите месеци од годината жителите немаат приходни и не можат одеднаш да ги подмират сите обврски. Во втората половина од годината може да ги собереме средствата. Пријавите на време се распределени, до 31 март и ќе има опомени, рече Идризи.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , ,