Ѓорѓија Сајкоски ја презеде функцијата заменик министер за локална самоуправа

Новиот заменик министер за локална самоуправа, Ѓоргија Сајкоски, денеска во министерството се сретна со својот претходник, досегашниот заменик министер, Сашо Лазаровски.

На средбата Лазаровски го запозна заменикот министер, Сајкоски, со проектите во министерството кои што се во фаза на реализација и главните приоритети до крајот на годината.

Акцентот беше ставен на распределбата на средствата за проекти за рамномерен регионален развој.

Заменикот министерот беше информиран дека се утврдени листите за финансирање на конкретни проекти за поттикнување на регионалниот развој, врз основа на кои,  Владата на една од наредните седници ќе ги додели средствата.

Исто така беше информиран и за Програмата за прекугранична соработка ИПА 2, во рамките на која се актуелни јавните повици за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Бугарија и Република Македонија и Грција.

Новиот заменик министер за локална самоуправа, Ѓоргија Сајкоски на новата функција доаѓа од функцијата Претседател на Совет на општина Кичево која што ја извршуваше од 2009 година па се до локалните избори, одржани во март, 2013 година.