Смени три партии и по трет пат стана градоначалник

Покрај рекордниот број советнички листи 20, Општина Македонски Брод на овие избори ќе остане запаметена уште по еден куриозитет, а тоа е третиот градоначалнички мандат на Милосим Војнески освоен со трета политичка опција, што е единствен случај во плурална Македонијa.

Откако пред 8 години со ВМРО- НП  ,Војнески, за првпат стана градоначалник на оваа општина, за потоа како независен кандидат поддржан од СДСМ го освои вториот градоначалнички мандат.  Тој по трет пат ќе застане на чело на бродската администрација, сега како кандидат на ВМРО ДПМНЕ ,  со што постана уникатен градоначалник во земјава.

-Убедливата победа на овие избори е уште еден доказ дека граѓаните на Македонски Брод, имаат целосна доверба во мене, независно со која партија се кандидирам.Овој континуитет ќе овозможи да нема празни одови во функционирањето на локалната самоуправа и примопредавање на власта, а тоа ќе придонесе да се скратат роковите за довршување на започнатите проекти  од претходниот мандат а во исто време и започнување на нови-подвлече Милосим Војнески.

Тој потсети дека уште одма ќе започне со асфалтирање на патиштата до четири селски населби, а ќе стартува и изградбата на индустриската зона која  се протега на 120 000 квадратни метри, а ќе овозможи побрз економски развој на општината.Така што во економската зона уште пролетва ќе започне изградбата на 3 стопански капацитети, кој во прва рака ќе вработат 100 нови лица.

Автор: Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија