Кичевчанецот Смилески победник на конкурс за дизајн

Категории: Кичево, Слајдер

Проектот „Фрутело“ на младите креативци, 21-годишниот Далибор Смилески од Кичево и 22-годишниот Мартин Стојмировски од Кочани, е победник на конкурсот за дизајн на седум видови слатко на „Јоми фуд“ што го распиша Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.

Двајцата млади дизајнери добија значка со што станаа дел од тимот на „Браво сине“ и парична награда од 200 илјади денари.

Нивниот дизајн беше избран меѓу 26-те креативни решенија кои влегоа во потесна конкуренција, а од кои потоа беа избрани по два проекта од страна на Движењето Иво Лауренчиќ „Браво сине“ и Skopje Design Week кои и беа понудени на компанијата „Јоми фуд“ чие слатко беше избрано за брендирање.

На своето решение, двајцата креативци работеле повеќе од еден месец, а паричната награда која ја добија ќе ја вложат во нивниот професионален развој.

Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето „Браво сине“, е задоволна од реализацијата на првиот проект и најави дека и следната година ќе продолжат со истата активност – да се брендира еден автентичен македонски производ.

– Многу сме задоволни бидејќи нашата највисока цел, да дадеме поддршка на младите креативци и да го поттикнеме нивниот ентузијазам е постгната, а со тоа и мисијата на Иво Лауренчиќ продолжува понатаму. Покрај овие две цели, оваа платформа придонесе за зајакнување на свесноста кај домашните компании да креираат призводи со идентитет и да се изгради мост меѓу креативноста и бизнисот во функција на взаемниот и јавниот интерес, но и повторно да се потсетиме на нашите автентични домашни производи, истакна Пеева – Лауренчиќ денеска на прес-конференција.

Од компанијата „Јоми фуд“ најавуваат дека седумте видови слатко со нов изглед ќе се појават на македонскиот пазар пред новогодишните празници. Се надеваат дека со новата етикета и дизајн на слаткото ќе се зголеми продажбата на нивниот производ.

Според Марта Наумовска – Грнарова, претставник на Skopje Design Week, двајцата млади креативци ќе бидат пример за останатите млади луѓе дека не мора да одат во странство, туку дека и кај нас има услови за напредок.

Првонаграденото решение, заедно со 10-те решенија кои влегоа во потесна конкуренција ќе бидат изложени во просторот на „Браво сине“ на годинашното издание на Skopje Design Week што ќе се одржи од 23 до 28 овој месец во Куршумли ан во Скопје.

Проектот за брендирање автентични национални производи официјално почна во јуни годинава кога беше распишан конкурс за компаниите преработувачи на овошје. Откако беа разгледани пристигнатите апликации, стручното жири одлучи седумте видови слатко на „Јоми Фуд“ од Велес да добијат нов, уникатен дизајн. Условите за избор беа компанијата да има доминантно домашен капитал, широко портфолио за производство на македонско слатко без додатоци по традиционален рецепт кое се вбројува во групата здрава хрна и се продава во македонската малопродажна мрежа под своја етикета.

Еден месец по конкурсот за компаниите беше распишан и конкурсот за млади дизјанери до 28 години.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,