Отсечени села во кичевско, прекини во напојувањето со електрична енергија

Снегот кој непрестајно паѓа во кичевскиот регион предизвика тешкотии во сообраќајот и напојувањето со електрична енергија. Во Кичево улиците се чистат со помош на ЈП Комуналец и со работници ангажирани од страна на општината.

Неколку села во општините Зајас, Осломеј и Вранештица се отсечени и до нив може да се дојде само со теренски возила.

Активности за чистење на снегот засега има само во општина Осломеј каде е расчистен снегот, додека во Зајас и Вранештица до овој момент не е започнато со расчистување на денешниот снег.

Екипите на ЕВН работат на остранување на дефектите на електричната мрежа. Во општина Другово во тек е спасувачка акција за извлекување на две лица, од кои едно со повредена нога. Лицата се наоѓаат на 6 километри помеѓу селата Ехлоец и Извор.