Деспотоски: Со изградбата на автопатот ќе заживее кичевското стопанство и регион

Категории: Кичево, Слајдер

Изградбата на автопатските делници од Кичево до Охрид и од Скопје до Штип ќе придонесе за развој на економијата и туризмот во источниот и западниот дел на државата и нивно доближување до главниот град. Ќе се намали времето на патување и ќе се зголеми безбедноста на патиштата, а индустриските зони во градовите низ државата ќе станат поатрактивни за странските инвеститори.

Ова беше истакнато на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ посветена на значењето на овие два нови автопатишта кои ќе се градат во следните години, а за чија изградба се обезбедени средства од кинеската ЕКСИМ банка.

Инвестицијата на автопатот од Кичево до Охрид изнесува 376 милиони евра, а од Скопје до Штип 206 милиони евра. Од Министерството за транспорт и врски очекуваат во текот на овој месец да бидат склучени договорите, а реализацијата да започне од почетокот на следната година.

Според поранешниот градоначалник на Кичево и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Благоја Деспотоски, со отпочнувањето на изградбата на автопатот се отвора огромна можност за заживување на кичевското стопанство и воопшто на кичевскиот регион, особено Копачијата:

– Очекувањата на кичевчани се најголеми од проектот за изградба на автопатот. Ваков капитален објект на Владата на Република Македонија во Кичево се случува после 40 години од изградбата на РЕК Осломеј и над 50 години од изградбата на пругата Гостивар – Кичево. Сите кичевчани, особено постарите, паметат што значеа тие капитални инвестиции за градот кога целото кичевско стопанство тогаш заживеа. Со отпочнувањето на изградбата на автопатот во 2014 година очекуваме заживување на целото кичевско стопанство, а компаниите од кичевскиот, охридскиот и струшкиот регион да најдат работа во самиот проект.

Видео: Целосно обраќање на екс-градоначалникот Деспотоски за значењето од изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, реализацијата на овие два крупни проекти од патната инфраструктура ќе значи ангажирање на голем број македонски градежни компании и македонски граѓани.

– Одредба која е многу значајна за нас е тоа што во договорот стои дека минимум 49 проценти од извршените работи мора да бидат од страна на домашни компании и минимум 51 процент од лицата кои ќе бидат ангажирани да бидат македонски државјани, истакна Јанакиески пред присутните на трибината.

Новите автопатски решенија, смета Јанакиески, ќе допринесоа кон поголем развој на источниот и западниот дел на Македонија, поголема безбедност и ќе го скратат времето на патување до главниот град.

За штипскиот градоначалник Илчо Захариев, изградбата на делницата од Скопје до Штип ќе значи препород за Источна Македонија затоа што од Штип до Скопје ќе се патува за половина час, а со тоа и индустриските зони ќе станат поинтересни за странските инвеститори.

– По 69 години конечно Источна Македонија дочека да го добие првиот автопат. Со оваа делница ќе го доближиме Скопје до Источна Македонија и ќе ја подобриме безбедноста во сообраќајот бидејќи делницата Штип – Велес е црна точка на македонските патишта. Ќе имаме заштеди во време и финансиски средства, а важно е и тоа што индистриските зони ќе станат попривлечни за странските инвеститори бидејќи патната инфраструктура е пресудна за нив, нагласи Захариев.

Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Сеад Кочан смета дека изградбата на овие делници ќе значи продолжување на експанзијата на градежништвото во Македонија.

– Градежниот сектор ќе продолжи да биде двигател на македонската економија. Само во последната година имаме 10 илјади нови вработувања. Со овие проекти очекуваме уште неколкукратно зголемување на бројот на вработувања. Покрај градежниот сектор ќе се активираат и други сектори така што на среден рок ќе се зголеми потрошувачката моќ на граѓаните, а на долг рок ќе имаме поврзување на источниот и западниот дел на државата со главниот град со што ќе се очекува поефикасно снабдување на пазарите, истакна Кочан.

Погледнете ја снимката од целиот форум

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , ,