Состанок на Управата со ракометарите на Металург

Македонскиот ракометен шампион Металург се наоѓа во тешка ситуација по бојкотот на најголемиот број играчи. Притиснато од последниот (денешен) рок за евентуално пријавување нови ракометари за настап во Лигата на шампионите, раководството на тимот од Автокоманда за денеска најави состанок со „побунетите“ во обид да се изнајде решение со кое клубот би избегнал висока казна во случај да не настапи на неделната средба од ЛШ против Ла Риоха.

 

Ракометарите како главен виновник за проблемите го посочија тренерот Лино Червар и поставија ултиматум за негово заминување од клубот, додека раководството застана на страната на хрватскиот стручњак.

Сопственикот на клубот Минчо Јордановистакна дека токму Червар е најзаслужниот за успехот на Металург како на домашната така и на европската сцена.

На разум и средување на состојбите во нашиот шампион повика и Ракометната федерација на Македонија, потенцирајќи ја важноста кризата да заврши со компромис за доброто на Металург, македонската репрезентација и македонскиот спорт воопшто.