Приказната за трите споменици од Китино Кале

Категории: Кичево, Репортажа, Слајдер

Китино Кале е срцето на Кичево. Крие многу тајни за далечното и поблиското минато. Но сеуште се живи луѓето кои ги паметат спомениците кои се овековечени на овие фотографии. За 30 години три различни споменици. Тука најдобро се гледа како политиката ги ставала своите нишани. Три споменици со три различни приказни.

На сликата се гледа споменикот на српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ, изграден за време на српското владеење со Македонија (1918-1941). Сликата е направена во тој период. Тој е најстар од трите споменици. Споменикот е поставен на постамент со двоглав орел, симбол кој го имаат сите балкански народи (вклучително и македонскиот). Како се менувале властите, политиките, така се менувале и статуите. Изграден е веројатно во дваесеттите години, кога калето за прв пат е уредувано како парк.

За време на II светска војна, тогашните власти го тргнале претходниот споменик и го поставиле споменикот на Скендербег. Не смениле ништо друго. Споменикот останал кратко и по ослободувањето во 1945 година. Девојките кои се сликани на сликата се Македонки. Скендербег има традиција на почитување кај сите луѓе од овие простори. После бил тргнат.

На третата слика е претставена Олга Мицеска, народен херој од Кичево. Кичевчанката Олга била уметник, вајар. За време на војната заминала во партизани. Убиена е на Буковиќ заедно со Мирко Милески и скоро целата нејзина чета. Споменот кај кичевчани за оваа девојка останал силе. И го изградиле овој споменик во форма на хероина која ја најавува слободата.

Споменикот го красел Кичево се до 60’те години кога по наредба на некој паметњаковиќ од партијата бил урнат зошто “оцениле” дека бил неморален. Скулптурата им асоцирала на разголена девојка… Постапката наишла на неодобрување кај населението. Како и да е, споменикот бил урнат и на ова место повеќе никогаш не бил изграден споменик.

Местото каде се наоѓале спомениците денес е поплочено со мермер, се наоѓа над спомен костурницата. Не се знае што станало со првите 2 скулптури, нити со постаментот. Деловите од споменикот на Олга Мицеска сеуште се наоѓаат расфрлани по калето. Повеќето од нас биле „кај ногана“ едно скришно местенце откаде Кичево се гледа на дланка.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , ,