Една средба со војводата Јордан Пиперката

Категории: Ризница, Слајдер

Текстот кој следува е сведоштво на секретарот на кичевскиот револуционерен реон, со иницијали “Д.С.”, а публикуван во „Илустрација Илинден“ во 1927 година. Текстот е интересен бидејќи дава лични видувања на свидетел на периодот по Смилевскиот конгрес и пред почетокот на востанието кога моралот кај населението за оружена борба бил доста висок. Го опишува Јордан Пиперката, Арсо Војвода (Мицков) селаните на село Велмевци, Белица и Бигор Доленци. Ви го пренесуваме делот кој се однесува на Јордан Пиперката и кичевските села.

* * *

Јордан Пиперката, десно, со своите соборци, веројатно фотографирани во село Велмевци.

По конгресот во Смилево во април 1903 година, делегатите од револуционерните реони на Битолскиот револуционерен округ се упатија накај своите реони за понатамошна работа и подготовка на востанието за слободата на Македонија од тиранскиот режим на Отоманската империја.

Јас бев определен за секретар на кичевскиот револуционерен реон и тргнав со војводата Арсо (Мицков). Со нас патуваа емирхисарскиот војвода Јордан Пиперката, неговиот секретар Димитар Матлиев и Това Давидов кој ги обиколуваше сите револуционерни реони за да ги даде сите потребни инструкции за подготовка на селските милиции и да го подигне револуционерниот дух кај населението со цел истото да биде подготвено за се жртвува за слободата.

Тома Давидов со својата стројна фигура, облечен во офицерска униформа, тивок и благ карактер, ги убедуваше слушателите за ширење на нашата цел, за која бевме зеле оружје, дека денот кога ќе се отплати долгот за тиранијата се ближи и наскоро ќе изгрее слободата за Македонија.

Тој со чинот на себеодрекување напуштил блескава кариера. Родум од градчето Ловеч, дошол во Македонија да им помогне на своите браќа да се ослободат од тешкиот турски јарем давајќи верба на секој кој го слушаше.

По неколку часови пешачење низ убави букови планини пристигнавме во село Велмевци. Влеговме во реонот на војводата Јордан Пиперката кој со своето херојство беше познат на сите и беше опеан во народните песни.

На прв поглед тих, но кога се зборува за пресметката со вековниот поробител станува свиреп, очите му се светлосини и како да исфрлаат пламен.

На Пиперката десна рака му беше Димитар Матлиев,, млад, интелигентен, 25 годишен младич, кој со својата дарба беше омилен како кај војводата, така и кај населението. Освен тоа, тој беше бестрашен и беше подготвен да го жртвува својот живот за најсветлата цел – слободата на татковината.

Денот го поминавме во Велмевци. Како сите села во Македонија каде револуционерната идеја обзела и старо и младо, така и тука немаше ниту еден кој незнаеше за престојот на војводата со своите значајни гости како што беше Тома Давидов.

Децата си играа комити на селскиот мегдан. Направиле дрвени пушки и беа опашани со ремени на кои наредиле дрвени патрони.

Неколку деца од соседните куќи каде што престојувавме со Тома Давидов, дојдоа вооружени со дрвените пушки и со наивна сериозност посакаа да ги примиме за четници за да можат и тие да се борат за слободата на татковината. Од таа мила слика Давидов беше трогнат и ни кажа штом Македонија раѓа такви деца, нема никогаш да ја снема.

Разделбата со Пиперката беше срдечна  и се упативме во реонот на Арсо Војвода. Неговата чета на чело со неговиот заменик не чекаше во село Белица каде Тома Давидов одржа говор пред насобраното население и на секој присутен му ја вдахна подготвеноста да се жртвува за слободата. Тој кажа дека денот наближува . Со својата импресивна фигура и благиот и тивок глас ги пленеше погледите и ги убедуваше луѓето дека е слатко да се жртвува за слободата.

Обиколивме уште неколку села во кичевскиот реон заедно со Давидов каде насобраниот народ од неговата уста го слушна величењето на нашата борба која македонскиот народ треба да ја води за ослободување од турската тиранија. При преминувањето на река Велика, на пат за село Бигор Доленци и покрај настојувањето на куририте од селската милиција да го пренесат на грб, Давидов тоа го одби кажувајќи дека секој треба да се кали, да оди мокар и гладен за кога ќе почне востанието да биде спремен да ги поднесе сите незгоди.  Откако обиколивме неколку села во Рабетин кол повторно се вративме во село Белица каде не чекаа куририте од охридскиот реон со кои Тома Давидов и неговиот секретар Настев заминаа за оној убав крај во кој секој би се вљубил во раскошната природа, долу во равницата каде се сините води на Охридското езеро, а на два рида е распослан престолниот град Охрид.

* * *

Војводата Јордан Пиперката загинал неколку месеци подоцна, на 10 август 1903.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , ,