Стејт департментот длабоко загрижен од регрутирањето Албанци во Сирија

Категории: Свет

Американскиот Стејт департмент строго го осуди упатувањето на борци од Балканот во Сирија, пред се нивното регрутирање на верска основа и приклучувањето кон бунтовничките сили, кои се борат против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На прашање на МИА, портпаролката на Стејт департментот Мери Харф изјави дека оваа пракса е длабоко загрижувачка, не само за балканските земји туку и за другите региони од каде доброволци се регрутираат за борба во Сирија.

– Имаме постојан и конструктивен дијалог со низа држави околу овие причини за загриженост, вклучително во балканскиот регион. Општо земено, остануваме длабоко загрижени од верски мотивираното насилство од било кој вид во Сирија, независно од која страна доаѓа и од каде доаѓаат борците. Ќе продолжиме да ја притискаме меѓународната заедница и луѓето кои го прават ова да запрат, бидејќи не е во интерес на сирискиот народ. Во нашите разговори со умерените политички и воени лидери, ја повикавме опозицијата да го отфрли токму овој вид на насилен екстремизам и да ги изолира овие групи, со цел да се спречи вкоренувањето на нивната идеологија и секак, да обезбедиме таа идеологија да не се пренесе на други места во регионот. Веќе имаме ужасно прелевање на насилството во места како Либан и Ирак и тоа останува прашање кое не загрижува, изјави Мари Харф, на прашањето за информациите дека најмалку дузина етнички Албанци од Балканот досега биле убиени во борбите во Сирија и дали нивните активности можат да бидат опасни за балканските земји.

Косовските медиуми бројот на Албанци досега убиени во Сирија го ставаат на околу десет, додека според македонски медиуми најмалку тројца етнички Албанци од Македонија биле убиени.

Според исламистички интернет страници, кои ги следат борбите во оваа земја, вкупниот број на Албанци од Балканот кои се борат во граѓанската војна во оваа земја го проценуваат на околу 150.

Српските медиуми, пак, пишуваат дека неколку десетици муслимани од областа Санџак исто така се борат во Сирија.

Изминатите денови составот и активностите на герилските сили кои се борат против Асад станува водечка тема во САД, по информациите за нивните напади врз христијански села, како и ладнокрвното стрелање на седум заробени сириски војници.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,