Владата одлучи од следната недела да почне доисплата на земјоделските субвенции

Категории: Македонија, Слајдер

Од следната недела ќе започне доисплата на земјоделските субвенции кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот. Премиерот Никола Груевски тоа им го соопштил на претставниците на земјоделските здруженија на денешната средба во Владата, а тие ја поздравиле владината одлука.

На средбата присуствувале Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците, Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци, Никола Стаменов, претседател на Федерација на фармери и Ставре Јанев, претседател на Синдикатот на земјоделците, како и заменик-министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.

– Соговорниците разговараа за доисплатата на земјоделските субвенции за кои постоеја определени предизвици кои беа предизвикани од процедурални и технички причини. Претседателот на Владата истакна дека на минатата владина седница беше  разговарано за оваа тема, при што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираше дека се надминати процедуралните и технички предизвици и дека предметите се комплетирани. Премиерот Груевски ги информираше претставниците на земјоделците дека врз основа на оваа информација Владата одлучи од следната недела да се започне со доисплата на овие субвенции кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста.

Воедно, било договорено и дека согласно со календарот за исплата на субвенции, во текот на ноември ќе започне исплатата на субвенциите за житните земјоделски култури од реколтата во 2014 година. Исто така, соговорниците разговарале и за претстојниот почеток на откупот на оризот и тутунот од овосезонските реколти, при што била истакната заедничката посветеност да се преземат сите потребни мерки и активности за да се креира квалитетен амбиент за реализација на откупот кој ќе обезбеди почитување на интересите на засегнатите страни.

– Премиерот Груевски ја истакна силната посветеност и фокусираност на Владата кон континуираното обезбедување услови и можности за раст и развој на земјоделската дејност. Тој истакна дека развојот на земјоделството е стратешка определба на Владата и дека земјоделците секогаш може да сметаат на владината поддршка, информира владината прес-служба.

Претставниците на земјоделците ја поздравиле одлуката на Владата за доисплата на субвенциите  и истакнале дека средствата кои ќе се добијат од Владата ќе придонесат за работата и развојот на земјоделците.

– Соговорниците позитивно ја оценија соработката која се остварува помеѓу институциите  на државата и земјоделските субјекти и ја истакнаа својата посветеност за понатамошно унапредување на сите сфери кои се од интерес за земјоделскиот сектор во земјата, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста за денешната средба на премиерот и претставниците на земјоделските здруженија. На средбата било разговарано и за други проекти, мерки и активности  од областа на земјоделството.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , ,