Света Марена од село Велмевци – стара средновекоквна црква

Св. Марина Марена е средновековна црква чии остатоци се наоѓаат над селото Велмевци. Црквата е во урнатини, едвај се познава оти имало објект. Би била сигурно заборавена да не останала во меморијата на локалните жители оти на тоа место имало храм. Сега местото е расчистено. Според она што се дознава од локалните жители, црквата е изградена уште во римско време, ја викаат „римска црква“.

Црквата има три периоди: римско време (пред околу 1600 години) па потоа е веројатно разорена од варварските наезди и цели 3 века стои уништена, околу 10 век е повторно обновена па пак разорена и последно подигната и разорена е веројатно пред самото доаѓање на османлиските Турци и уништена во тоа време, кога во цел регион биле уништени многу православни храмови.

Што од ова е вистинито, најдобро ќе го покажат археолошките истражувања на самиот објект. Постои иницијатива за возобновување на црквата, но тоа не смее да се случи пред да биде околината целосно истражена.

Самиот објект е прилично голем колку што може да се забележи. Долг е околу 10 метри , широк нешто повеќе од 6 метри. Малку подолу во должина повеќе од 50 метри се забележува заштитен бедем. Самата црква е сместена на ридче, па може да се предпостави дека освен неа, земјата крие и населба со повеќе археолошки слоеви.

Недалеку од ова место врви прастар пат (по истиот по кој, според жителите на с. Белица, поминал Александар Македонски во походот кон северните варвари), поплочен од Римјаните, кој од една страна кај Хераклеја Пелагониска се поврзува со Виа Егнација, а понатаму од до село Подвис и се дели кон Кичево и Дебар.

Се забележува дека и оваа црква е изградена од истиот варовнички камен како и Св. Александар во с. Белица, манастир над село Брждани (Богоројчин манастир), а такви камења се забележливи и на локалитетот кнежински манастир Св. Ѓорѓија. Околу самата црква се забележливи столетни дабови стебла кои на местото му даваат уникатна гледка и посебно чувство. Се надевам дека и  за ова врело на духовноста ќе падне превезот на мистеријата и ќе биде возобновено и повторно вратено во функција исто како и во далечното минато.