Храмот каде заедно се молат Православни и Муслимани

Дојдоа доцна навечер, ми рекоа дека имаат голема мака бидејќи нивниот шестгодишен син не може да зборува. Откако е роден не прозборел ниту збор. Таткото Раим ми рече дека се Албанци од Кичево кои со години живеат во Швајцарија. Таму им кажале да дојдат тука и на полноќ да му ја прочитам молитвата за да му се помогне на детето. Направивме така, му ја читав „Помилуј ме Боже“, молитвата што им ја читаме на муслиманите и на другите иноверци во вакви пригоди. Потоа со детето трипати го обиколивме гробот и излеговме од храмот. Уште на тремот детето со рака го фати татко си и му рече: „Бабо, бабо“ (на албански ‘тато’ н.з.), а потоа почна да зборува сосема течно. Сите бевме вчудовидени. Оттогаш, секоја година кога престојуваа на одмор во Кичево доаѓаа туку. Таткото Раим сега е парализиран и седи дома, но детето секогаш наминува. Тоа можеше само Господ да го направи!

Ова е приказна што ни ја раскажа свештеникот Марко Трпкоски. Се случила пред дваесетина години и е само една од многуте што настанеле во десетината изминати века во текот на кои во Македонски Брод постои единственото светилиште за православни христијански и исламски верници во земјава. За христијаните – манастирот „Свети Никола“, а за исламските верници – теќе Х’д’р (‘Адр) баба, само навидум и единствено по истакнатите обележја открива дека во овој објект има храмови посветени на две различни конфесии.

А, всушност тоа е свето место каде што сиве овие векови се прославува Господ и место кое најдобро може да ја раскаже приказната за историјата на овие македонски простори и за верската толеранција и мултиконфесионалност, чија оригиналност е единствена. Овој пример покажува дека е можно христијански православен свештеник да се моли за здравјето на дете од исламската вера и православни свештеници да имаат обреди во исто време и на исто место кога и верските достоинственици од бектешката заедница. Сите луѓе што доаѓаат да го посетат ова место воопшто не се оптоваруваат со тоа дали тука прво била црква, а потоа теќе и турбе или кој од каква вера е. Важно е само едно – универзалната порака што се пренесува оттука, а таа е да се дојде, да му се помоли на Господа, оти тој е добар и ќе помогне и може да направи чудо. Во таква атмосфера, во овој свет храм ќе се слави и утрешниот, најголем христијански празник Велигден, за кој во овој град има посебна традиција.

Утеха за сите

Сместен на височинка од која убаво се гледа целиот град, храмот „Свети Никола“ и теќето Х’д’р баба ја нема онаа импозантност која често ја имаат верските објекти. Во димензии седум на седум метри собрана е целата историја и значењето на овој храм направен од камен, земја, дрво и прекриен со ќерамиди. Христијаните велат дека тој е подигнат на темелите на друг, постар манастир и дека прво бил обична куќичка, дом за живеење на некој непознат старец со бела брада кому жителите од тој крај му биле благодарни оти ги спасил од смртоносната епидемија на чума на почетокот на 14 век. Тие му ја изградиле оваа куќичка и му ја исполниле последната желба, во неа да почива откако умрел. Преданието, луѓето од овој крај, наводно, утврдиле дека човекот со бела брада всушност е светецот Николај, легенда која опстојува до денес. Поради тоа овој манастир бил наречен „Свети Никола“.

Интересно е да се наведе дека влезната врата на овој биконфесионален свет храм е неправилно поставена од јужната страна, додека иконостасот и олтарот се наоѓаат на северната страна. Токму ваквото отстапување од христијанските обичаи, храмовите да бидат изградени во правецот исток – запад, отвора и поинакви дилеми за историската приказна која свој нов тек добива со турските освојувања на овие простори. Христијанско предание е дека Османлиите го опустошиле манастирот, ги убиле монасите и свештениците и на ова место изградиле теќе, бања и турбе. Во исламската верзија на приказната, пак, ваквата реконструкција на настаните што се случувале на малата височинка над градот сепак не се спомнува.

Кај муслиманите е забележано дека некаде околу средината на 14 век настапил период кога на балканските простори навлегле првите припадници на бектешкиот ред во исламот и тука започнале да создаваат свои теќиња и турбиња, како нивни препознатливи верски објекти. Во исламските архиви, првата трага за теќето и турбето на Х’д’р баба се наоѓаат во 1544 година. Целиот комплекс имал и други придружни објекти, па затоа бил наречен Текија.

Како и да е, ова мало место остана свето и за Македонците и за Турците. Тука доаѓале луѓе и од едната и од другата вера, по разни пригоди и поводи, да се празнува некој празник, да се најде утеха за некоја тешка мака… А, на празникот Ѓурѓовден (6 и 7 мај), секоја година доаѓаат сите заедно. Христијаните носат цвеќиња, вапсани јајца, додека муслиманите носат дарови, минуваат низ бројаниците, се мијат со вода од ѓумовите. Се слушаат молитвите и на едните и на другите и на крајот се приредува ручек на кој се поканети сите што во тој момент се околу храмот и се поздравуваат со зборовите: „Еден е бог за сите“.

Најважно е да се слави Господ

– Заедништвото во молитвите кон Бога на христијаните и на муслиманите, на ова исто место, низ сите овие векови, на најубав начин потврдува колкава е духовната жед на луѓето. Ова е вистински знак дека сите потекнуваме од еден човек и дека на човекот само човекот му е близок – вели отец Марко.

Токму затоа, над и околу наводниот гроб на светецот Никола и на Х’д’р баба, што се наоѓа во внатрешноста на храмот, можат да се најдат и христијански и исламско-бектешки симболи. Тука е сликата на основачот на бектешизмот, Хаџи вели Бектеш, исламскиот светец Али, братучед на пророкот Мухамед, кој посебно се слави меѓу бектешите, слика на 12. имами, икони на Исус Христос, на Пресвета Богородица, свети Никола и други христијански светци. На подот е послан тепих со исламски орнаменти на кој се поклонуваат бектешите и другите исламски верници, а покрај гробот има и шишиња зејтин и крпи, што како подарок ги оставаат православните христијани. До гробот или, како што исламски се нарекува мезарот, стојат и свеќи во различна боја – бели, жолти, зелени, црвени кои ги палат верниците од двете вери. Бектештвото, како гранка на исламот, всушност е многу специфична религија која иако за своја основа го има учењето на пророкот Мухамед и светата книга Куранот, значително се разликува од останатите исламски учења. Бектешите, на пример, градат едноставни верски храмови – теќиња, кои не се посебно украсени и немаат високи минариња. При молитвите тие палат бели свеќи, но само навечер. На обредите дозволуваат присуство на припадници на други вери, се поклонуваат само двапати во текот на денот, а мажите и жените се рамноправни…

– Ваквото заедништво, кое низ векови се случува тука, е можно и затоа што кај бектешизмот постои една широкост во исповедувањето на верата. Ова учење ги прифаќа луѓето од секоја вера и од никого не бара да ги смени својот идентитет и конфесија. Во теќето може да влезат сите, заедно да се молат. Некој може да се клања, друг да се крсти во исто време. Во молитвите сите сме рамноправни. Најважно е да се слави Господ. Тој е како мост што ги доближува сите и мислам дека на земја каква што е Македонија, мултиетничка и мултирелигиска, тоа многу добро ~ одговара – вели историчарот Арбен Сулејмани, припадник и одличен познавач на бектешкото учење.

Трето заклинување на Исус Христос

На сите во Македонски Брод многу добро им е позната светоста на ова место, до кое се доаѓа со искачување преку точно 143 камени скалила. Тие, на некој начин претставуваат и граница до која стасала урбанизацијата на градот, но која веќе никој не сака да ја пречекори и со некаков новоизграден објект да ја наруши светоста на местото. Затоа, пред повеќе години се случило општинските власти да одобрат изградба на семејни куќи, но никој од граѓаните не сака да гради. Целиот овој простор се очекува да остане непроменет со децении и да биде центар на најголемите верски празнувања, како што утре таму ќе се слави Велигден. Трагата од православните обичаи јасно се гледа на големиот стар даб израснат пред храмот, на чија кора се издлабени дваесетина крстови. Обичајот наречен трето заклинување на Исус Христос се прави на вториот ден од Велигден, при што со секира се зарезува крст долг триесетина сантиметри и во чиј средишен дел со сврдло се прави дупка, во која потоа се ставаат леб и вино, симболи на Христовите тело и крв. Дупката, потоа се запечатува со дрвен клин.

– Годинава, тоа ќе се направи по дваесетти пат и тоа е симболичното запечатување на Исус кое ќе даде нов живот преку пролетното разлистување на стариот даб – посочува Богоја Стојановски, жител во населбата која е најблиску до храмот, а чие семејство со децении ги чува клучевите од влезната порта.

Велигденски обичај е и правењето кули, при што во стилот на познатото црногорско оро петмина мажи се качуваат на рамењата на петмина други, по што сите заедно како своевидна кула ги обиколуваат значајните места на ова подрачје, минувајќи 500-600 метри!

– Петтемина што се во долниот ред ги симболизираат турските владетели кои во минатото го управувале ова место, а петтемина во горниот ред го симболизираат македонски народ, кој се кренал на востание и ги победил освојувачите, но потоа живее заедно со луѓето кои се различни од него – појаснува Стојановски.

Баба Едмонд Брахимај: Пред Бога сме сите рамноправни

Баба Едмонд Брахимај моментно ја управува светската бектешка заедница која има седиште во Тирана, Албанија, а неодамна почина нејзиниот досегашен поглавар Хаџи деде Решад Барди. Баба Едмонд, кој ги предводи и бектешите во Македонија, најде време и добра волја, па специјално дојде од Тирана во Македонски Брод за на најубав можен начин да ја демонстрира желбата во овој храм вечно да трае славењето на Бога.

– Само на ваков начин се доаѓа до хармонија меѓу луѓето. Бектешизмот е секогаш мирољубив, ги респектира сите луѓе, без оглед на која вера ~ припаѓаат. И ова свето место покажува дека не е важно на која религија ~ припаѓаме, туку е најважно да му се молиме на Бога, да постои љубов, соживот, добрина… Во минатото, но и сега, христијаните секогаш можеле тука да доаѓаат и да си ги прават своите обреди. Ова е уште еден пример дека пред Бога сме сите рамноправни, дека никогаш не треба да бидеме егоисти, да се водиме од тоа кој е поголем, а кој помал. Треба сите да веруваме во суштината, а со овој случај тоа се потврдува – вели баба Едмонд.

Инаку, теќето Х’д’р баба е едно од неколкуте кои бектешката заедница, чија правна регистрација во земјава с` уште е проблематична бидејќи нашите прописи бараат нејзиниот водач да биде македонски државјанин, ги смета за свои храмови во земјава. Оваа заедница е позната во јавноста по тоа што води долг спор со Исламската верска заедница околу сопственоста врз Арабати-баба теќе во Тетово. А, според процените, во земјава има околу педесетина илјади граѓани што припаѓаат на бектешкиот ред.

Отец Марко: Легнав пред булдожерот кога сакаа да ги уриваат скалите

Во 1995 година Општината сакаше да ги урне скалите по кои луѓето се качуваат до манастирот со цел за да ја продолжи улицата и да изгради нов блок куќи. Но, јас веднаш пристигнав и видов дека булдожерот веќе е подготвен да ги ископа камените блокови. Легнав пред него и порачав: „Ако нив ги кревате, и мене ќе ме кренете со нив“. Работниците запреа, а јас потоа му реков на тогашниот градоначалник дека ако ги осакати скалите, тоа е исто како некому да му ги отсече нозете. За среќа, ме послуша, и сега ако нешто некогаш се гради тука, ќе треба да се прави надвозник за да се зачуваат скалите – вели отец Марко.

Бранко Ѓорѓевски

Извор: Дневник