ФОТО: Свечено отворен изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Кичево

Во Кичево вечерва е отворен изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Воедно се одржа и конвенција на која се претстави заедничкиот кандидат за градоначалник Благоја Деспотовски, а беше промовирана и листата на советници од коалицијата „Кичевчани за Кичево“.

На отворањето на штабот присуствуваа пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Игор Ивановски од СДСМ.

– Мотото „Кичевчани за Кичево“ не обединува сите, не обврзува, не повикува, на 24 март да излеземе на гласање и да прославиме за една историска победа на Кичево како важен и нераскинлив дел од Република Македонија. Политичките разлики тука се надминати во интерес на заедништвото на сите кичевчани, изјави Милошоски.

Двете партии настапуваат заедно во Кичево зашто тоа е, рече Ивановски, од интерес на сите кичевчани.

– Ние тој интерес го почитуваме заради напредокот на градот, стабилноста на Кичево, мултиетничкиот карактер на општината и добрата работа на Советот и на локалната самоуправа. Сите членови на СДСМ и коалицијата ќе го поддржат Деспотоски на изборите за градоначалник. Ги повикувам сите истовремено да гласаат и за заедничката советничка листа, нагласи Ивановски.

Деспотовски истакна дека му е чест што има историска можност, но и должност да ја побара довербата на сите добронамерни кичевчани и од 25 март, како градоначалник на Кичево, да вложи двојни напори за исполнување на неговата програма за целосна урбанизација на градот и заживување на кичевското стопанство.