Сведоштва за грнчарството во Вранештица (1899 година)

 

На југоисток од градот Кичево на растојание од два часа во полите на планината Баба која е дел од Крушовската планина, се наоѓа селото Вранештица, кое се паѓа во Кичевската каза, а Дебарска епархија. Името на селото доаѓа оттаму што селаните се доселени од градот Врање, околните ги викале врањанци и по тоа селото го нарекле Вранештица. Селото претставува една чудна и восхитувачка глетка. Куќите се потонати во безброј црешови, сливови, јаболкови и дабови дрвја.

Некои 10-15 куќи се занимаваат со грнчарство. Ги изработуваат садовите во селото, а за продавање ги носат на пазарот во Кичево. Другите одат на туѓина во Романија и Бугарија и се занимаваат исклучително со лебарство (фурнаџиство). Жално му е на човек кога ќе види во каква состојба се наоѓаат, а одат на туѓина. Тука може прекрасно да вирее сточарството и грнчарството и нема нужда да се оди на печалба. Но условите го прават тежок животот. Тука може да се хранат и буби, пред многу години и се хранеле. Во селото има десет фурни грнчарски. Но можат да бидат повеќе од 50 зашто целото Кичевско, Демирхисарско и Дебрцата – Охридска оттука си набавуваат садови, но условите се тешки и затоа се бараат други пазари. Сум гледал со какви маки на други места ги прават садовите, а тука не е така. Тука е многу лесно. Тука, појди на местото од каде што ја земаат земјата за обработка која тука ја викаат „мадемот“ натовари го магаренцето, донеси ја дома, плесни ја на тркало и така ги прават садовите. А не како на други места да се чека да се исуши земјата потоа да се тапчи, да се меси итн. По некое време уверен сум дека Вранешничани ќе имаат добар живот со грнчарството ако обрнат посериозно внимание и ако најдат полесен начин да ја испраќаат стоката по околните пазари. Ништо не се постигнува лесно, но трудољубивоста и истрајноста се победуваат….

Едно лошо нешто има во Вранештица, кое е мајката на сите зла и кое секого до носи до просење – тоа е пијанството. Вранештичани ми се видоа како многу дадени во пијанството љубители на ракијата и редовни посетители на меанчињата, а подалеку од црквата. Тоа не е добро и препорачливо…

Јак. Деребанов г. Кичево, 21 јуни 1899 г.

Објавено во цариградскиот весник „Вести“ од 16 јули 1899 г.