Свети Јован Крстител – Претеча

Категории: Македонија

Свети Јован – Крстител последниот старозаветен пророк кој го крсти Исус Христос во реката Јордан.

Познат е и како Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот.

– Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети, говорел свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Јован сведочел дека Исус е синот Божји.

– Он треба да расте а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите, а кој доаѓа од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото над сите е.

Почитувајќи го како најголем пророк, Црквата му посветила неколку празници во годината. Во христијанскиот календар се празнува денот на неговото раѓање (Иванден, 7. ВИИ/ 24.ВИ) денот на неговото погубување наречен Отсечение главата на Свети Јован, потоа за голем празник се смета и денот кога Св. Јован го крстил Исуса во реката Јордан Собор на Св. Јован Крстител (денот по Богојавление 20/7. И.) на 24 февруари (с.с.) се празнува Првото и Второто, а на 15 мај (с.с.) и Третото наоѓање главата на Св. Јован кога таа е пренесена во Цариград итн. Така во христијанската вера Св. Јован е една од ретките личности покрај Исус и пресвета Богородица кому Светата црква му посветила повеќе празници. Празникот Отсечение главата на Св. Јован Крстител е еден од петнаесетте големи христијански празници, а за подостоинствено празнување и за сочувство со страдањата на Св. Јован од страна на Светата црква одреден е строг пост. Во народниот говор, согласно некои дијалекти празникот се ссреќава со имињата Свети Јован Сечиглав, (како што го пишува М. Цепенков), Свети Јован Отсечен, Свети Јован Опсечен, некаде едноставно само Отсечение.

Оттука може да се види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството зашто како што се кажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите Свети Јован ги добил кумството и побратимството. Свети Јован – кумство, побратимство”, се пее во една песна од Дебарско.

Според светото предание Св. Јован и Исус биле блиски роднини, зашто мајката на Св. Јована Елисавета и била тетка на Марија, мајката на Исуса.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа е синот на стариот Ирод оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос, за со нив да биде погубен и Спасителот. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета.  Но тој, таков поган каков што бил и од погано семејство, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Салома. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти”, му велел на царот. Затоа Ирод решил да му се освети. Се плашел да го убие зашто целиот народ го почитувал за пророк, но го ставил во затвор за да го заплаши.

Денот на погубувањето на Св. Јован Крстител со строг пост црквата го празнува на 11 септември (29 август според стариот келендар) под името Отсекување (или Отсечение) главата на свети Јован Крстител. Иако свети Јован е погубен пред Пасха празникот е поместен на овој ден зашто на овој ден е осветена црквата што над неговиот гроб во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот царот Константин и неговата мајка, царицата Елена.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , ,