Свети Наум Охридски Чудотворец

Свети Наум Охридски Чудотворец бил средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.

Свети Наум е еден од учениците на браќата Кирил и Методиј. Кога неговиот брат Св. Климент бил назначен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Наум Охридски. Во Македонија, во Охридската книжевна школа, Наум Охридски успешно ја продолжил целокупната дејност на Климент Охридски. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но од неговите творби, откриено е само химнографското дело „Канон за апостолот Андреј”, додека другите негови дела сеуште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител и просветител, кој се разбирал во народната медицина.

Животниот пат на Свети Наум Охридски течел паралелно со оној на Cвети Климент. Свети Наум учествува во Моравската мисија, по чие завршување оди во Велики Преслав, а оттука во Охрид каде ќе му се приклучи на Климент во работата на Охридската книжевна школа. Св. Наум Охридски бил познат како учител, организатор на црковниот живот, просветата, културата, и ги поттикнувал учени луѓе кон творештвото.

На брегот на Охридското езеро изградил манастир, кој го носи неговото име и кој денеска е едно од најпосетуваните места во Охрид. Во овој манастир се замонашил и тука останал до крајот на својот живот. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Во народот останал запаметен како чудотворец кој ги лекувал од најразлични болести сите луѓе што искрено и со верба му се обраќале.

Kултот на Св. Наум е силно одразен во преданијата и легендите на народот, раскажувани уште од времето кога светителот бил жив, па се до денес.  Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести.