Манастир Свети Врачи во село Речани (рабетинско)

Некогашниот манастир посветен на светите лекари („врачи“) Кузман и Дамјан наоѓал над селото Речани (рабетинско). Денес на тоа место едвај се познаваат урнатините од манастирот. Мештаните ова место го нарекуваат „манастириште“ и „калуѓерски манастир“. Народот го зачувал споменот за овој храм кој некогаш опстојувал на овој простор.

Според Д-р Илија Велев, не се знае кога бил изграден овој манастир. Бил разрушен по доаѓањето на Османлиските Турци на овие простори (по 1385 година), но не е точно забележано кога. Се наоѓа на еден рид на четириесетина минути одење пеш од селото Речани во густа дабова шума. Затскриен од очите на луѓето, оттука се гледа на дланка целата околина.

Неможе со точност да се каже колку бил голем бидејќи остатоци се наоѓаат на поширок простор. Бил граден од кршен камен. При поставување на резервоар за вода пронајдени биле керамички цевки кои водат насока од кај манастирот. Што било пренесувано по овие цевки не се знае. Селаните чуваат преданија дека монасите (калуѓерите) чувале улишта со пчели (и денес во ова село се произведува многу убав мед), а ги покажуваат и изворите од кои полнеле и вода. Легендите се пренесувале од колено на колено.

За време на првата светска војна селаните побрзале да ги затрупаат ѕидините од манастирот бидејќи дознале дека бугарската војска која надоаѓала сакала да го пребара тоа место. Останува нејасно што барале Бугарите тука. Како и да е,  местото останало недопрено.

Записите говорат дека откако бил опустошен од Турците, монасите кои преживеале го граделе уште двапати на две различни места овој манастир. Првиот пат пребегнале во селото Рабетино, го изградиле за брзо потоа да биде повторно разурнат. Вториот пат во селото Светорача каде изградиле поголем манстир, па и селото го добило името по манатирот – Свети Врачи. И овој манастир бил разурнат. Се претпоставува дека денешната црква лежи токму врз неговите остатоци.

Со манастирот лично од селаните се запознал и Томо Смиљаниќ (Смилески) – Брадина (Мијак од село Тресонче) кој ова место го посетил помеѓу 1922 и 1926 година. Од селаните помеѓу кои имало старци во длабока старот ги дознал сите преданија за овој манастир.

Селото Речани мало село. Преселувано е неколку пати. Во селото во 15 век се одгледувала Свилена Буба и се произведувала свила. Селото било погодено од чума која покосила 3/4 од населението. Подоцна се раселиле, дел од нив во село Рабетино. Во 19 век селото се среќава како чифлик на кичевски бег. Фамилиите во селото потекнуваат од неколку места, а тука се доселиле пред околу 200 години. Дел од доселените се и неговите поранешни жители од Рабетино кои ја слават славата Свети Никола (зимен).

Во Кичево постојат над 150 православни храмови од средновековието од кои најстарите влечат корени од првите векови на христијанството на овој простор, 4 век.