Табла (за соживотот) (29)

Категории: Ако појдам во чаршија..., Ризница, Слајдер

ТАБЛА……..како игра потекнува од Иран, кај нас донесена преку Турција. Паметам како дете и попосле, се играше на неколку „главни места“ во Кичево. Се играше во томболата кај Танто, поранешен Deep in и Мартинс. Тука се собираа луѓе на кој комарот им беше во крвта, за да во покасните саати одиграат некоја табла на пари.

Се разбира дека имаше и класична табла на изгубена пијачка. Се играше и кај Мечо, денешна кафеана Самба и во Пензиононо. Кај Мечо се собираа, малку поинаков тип на таблаџии. Се играше на добиена пијачка. Кој губи ги плаќа пијачките, а знаеја да се соберат по 10 – тина сеирџии (публика), па така и сметките не беа мали.

Од постарите играчи по квалитет ги запознав Асан Ѓулага, Медија Врапчески – Влачарот, Авзија Мачакот, Танто, Никола Заболекарот, Трајче Попоски, Цобе Професорон, Момчило Момо Полежина (син на Владо Полежина), а од помладите: Енсар Врапчески, Павле Медарот, Љупче Селекторот, Лазе Соколе и мојата маленкост, нека звучи и нескромно од моја страна.

Страшни ривалства помеѓу: Асан Ѓулага – Медија Врапчески проткаени со идеолошка конотација = нивите на Медија како градски богаташ и еснаф, му ги национализирал Асан Ѓулага кој работел во Општина, тоа време. Победата не беше само победа, многу повеќе. Го запрашав еднаш чичко Медија како близок наш комшија од Џума маало:

-„Зошто олку ти е ќеф победата против него“. Ми одговори: …„Ко ќе го видев во сокацине, одма менував страна оти ако ме видеше, ни ги знаеше сите ниви на памет, ќе појдеше во Општина и ќе им речеше: На Медија таа и таа нива да му е национализирате ! Ако немат како, баре вака да му се освета“

Авзија Мачакот беше посебна приказна, опеан во песна во книгите од брат ми. Додека беше стабилен, без нервоза, перфектен играч, но штом го исфрлиш од такт, прави што сакаш со него. Од тамо имаше и поговорка: – Не биди ватрен ко Авзија Мачкон“. Таа слабост обилно му ја користеа Трајче Попоски, Енсар Врапчески и др. „скубејќи“ добри пари од него. Вредно е да напоменам дека во животот „објаде“ неколку ниви.

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Големо ривалство помеѓу Цобе и Трајче, на поинаков основ, кој е најдобар меѓу најдобрите во „македонскиот ешалон“, кажано условно. Цобе, брз, интелегентен, лукав играч, Трајче Попоски = Монт Еверест. Во двете игри, подобар Цобе, но комплет со се Ѓулбеар, секогаш Трајче.

Не можам да заборавам никогаш, колку пати помеѓу себе во „Пензиононо“ и кај Мечо играа помеѓу себе најдобрите од најдобрите, Медија и Трајче. Медија важеше за најдобар во Турците, Трајче кај Македонците. Без пристраст, апсолутно, секогаш подобар беше Трајче. Чичко Медија беше фин господин од градски ков, кој кога ќе изгубеше не се лутеше, признаваше подобар од себе, само ќе речеше:

-„Ај Трајче, ко онаа народнана ме изгори Севде ме попари“ .

Со години сум „учел“ школо за табла од нив. Трајче, посебна приказна, сите ние игравме табла, тој играше нешто друго, вонземски. Внесе научни елементи во таблата од типот на Закон на веројатност (ако два пати падне 2, логички е третиот пат да не падне), паметеше 3 -4 последни фрлања на ѕаревите од противникот, никогаш нервозен и имаше една узречица, кога ќе се задумаш и прашаш што да се игра сега, ќе речеше:

-„Како што те учел мајсторот!“

Апсолутно најдобриот таблаџија кој излегол од Кичево. Не „прослави“ со играње табла, играјќи силно на пари, особено во Битола. Страв и трепет за сите. Паметам една сцена: Дојдоа на играње шах, шаховскиот клуб Ленин од Кочани во Калено горе. Трајче играше и одличен шах. На прва табла изгуби од Мицов, тоа време интернационален мајстор во шах во Македонија и силен играч. Го кандиса за табла после шахот и мислам дека Мицов ќе го памети дур е жив Трајчета. На крај триумфално му се обрати:

-„Видиш, ова не било шах“.

Умре млад од инфаркт. После него, останаа копиите, како мене Љупче Селекторон и др. Со денови сум анализирал зошто е одиграно така или вака, позитивно сум го провоцирал, се со цел да сфати дека ја разбирам таблата и да даде коментар за „деликатна ситуација“. Прифаќаше ! Но еден е оригиналот, тоа е вистината.

За ривалствата: Павле Медарот и Енсар Врапчески, ниеден театар со патрдии не им беа рамни. Павле низок, со комлекс, Енсар ќелав. Ај бе Бабак (од лутото момче Бабаче – филмувана серија со јунак сунизок ко Павлета демек), ајде ќелуш, ајде бе межник (камен кој дели две ниви), смеи по цел ден.

Долго време не можевме да претпоставиме што прави Павле во WC штом почнеше да губи. Стана симтоматично. Мислевме нервозата го тера на мокрење. Еднаш на сила му влегоа во WC – то и го фатија на дело кај што ги превртуват гаќите, за да го сменел ѕарот. Сиротиот, ќе речи после одам до WC, не го пуштајте ќе звикаат, ќе ги менуват гаќине.

Павле Медарот се паднал војска со Санде Саки од Кичево во Велес. За една година го победил 1584: 1325., а ние мисли си дома, не чуват војската. Па тие ден и ноќ само табла играле. Неправда би било да не се спомне Дончо Шупелко во оваа прилика. Таква матица од човек, градски ѓилкош, да не собере, да се изнасмееме, никогаш повеќе. Со сите беше контраш, ама ако игра против било кој, за него навивавме. Ако те видеше се замислуваш за следниот потег ќе викнеше. ….„Чуајте се, Чуајте се, кај Јурине Стенкоски (месност во Кичево) ќе се тегнит „ластик магаречки“.

На одмор во Улцињ 1982 година, во извидничкиот камп, изгуби добри пари од лустриранион глумец Киро Псалтиров. Ме убеди да играм наместо него (иако не играв никогаш на пари) растеретен од можна сопствена загуба, му ги повратив сите пари.

Лазе Соколе воведе термин во таблата, кригла сок. Бидејќи не пиеше алкохол за да ти наштети во сметката, пиеше кригли со сок. Воведов и јас новитет, 2 табли со по 30 варени јајца порачував кај Танто, јадев додека јадев, остатокот намерно ги газев со нозе по земја, пак со иста цел, поголем да е цехот. Утредента, брендиран мирис и звук, ќе чуеш ќе речат другарите:

-„Пак Мако имат табла играно кај Тантота“

Денес не слушам звук на табла и ѕарови скоро никаде во Кичево и нормално. Јас на син ми не успеав да му пренесам од знаењето, пак што остан за други. Не сака детето, други преокупации имаат младите луѓе денес…

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , ,