Тетекс е новиот шампион на Македонија

Фудбалерите на Тетекс го освоија Купот на Македонија откако синоќа во 21. финале пред празни трибини на Националната Арена „Филип Втори“ ја победија Шкендија од Тетово по изведување на пенали – 6:5. Натпреварот по продолжение заврши 1:1, исто како што беше и на истекот од 90-те минути.

За Тетекс ова е втор триумф во Купот, во третото финале откако победи и во 2010 година и во идната сезона во квалификациите на Лига Европа, Македонија ќе ја претставува како второлигаш бидејќи го загуби прволигашкиот статус. Шкендија и во своето второ финале не го освои пехарот.

Финалето се играше без публика поради инцидентите кои се случија во средата за време на натпреварот закажан во првобитниот термин.

Што се однесува до натпреварот, Шкендија поведе во 15.минута со голот на најдобриот стрелец на екипата, Музфер Ејупи. Во 25.минута од игра беше исклучен голманот на Шкендија Велии поради играње со рака надвор од шеснаесетникот.

Предноста од играч повеќе Тетекс ја искористи во 68.минута кога Дарко Мицевски изедначи на 1:1.

Откако по 120 минути немаше победник, пеналите решаваа за освојувачот на Купот.

Седмата серија беше решавачка откако Исени за Тетекс погоди, а голманот Манчевски го одбрани ударот на Бериша. Претходно стрелци за Тетекс од пенал беа: Настевски, Дробаров, Петковски, Кралевски и Манчевски, а за Шкендија погодија: Алии, Селмани, Цуцули, Таипи, Усеини.

Непрецизни од белата точка беа: Деспотовски кај Тетекс и Ејупи и Бериша кај Шкендија.
Пехарот на победничката екипа го предаде претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.