Тоше Проески, момчето од „провинција“ по кого заплака цела Македонија

Категории: Лично, Слајдер

Се сеќавам на утрото истиов ден пред 6 години. Беше околу 8.20. Одев на факултет. Во таксито нон стоп свиреа песни на Тоше Проески. Чувствував некоја мачнина имав некое грдо чувство. Прекинаа една од песните и кажаа дека кај Нова Градишка во сообраќајна несреќа загинал Тоше… Кога ќе слушнеш таква вест не ти се верува, па правиш напор да се разбудиш мислејќи дека е сон. Најлошото чувство доаѓа кога ќе сфатиш дека не е сон, туку е стварност.

Го паметам Тоше Проески од пред многу години. 1998 на Скопје Фест. Добро отпеа. На тој настап беше облечен во костим барем 2 броја поголем. Тоа беше нова страна на македонската сцена и почеток на една приказна која личи на бајка… со тажен крај. Во Македонија нема човек кој не го памети неговиот концерт кога истури дожд. Вообичаено пејачот би се разочарал, а со него и публиката па ќе пропадне целиот концерт. Но со Тошка не беше така, тој „владееше“ на бината и често се симнуваше помеѓу своите обожаватели. Не бев таму, но преку екранот се чувствуваше таа енергија. Мислам дека тој настан го искачи на врвот каде остана до последниот ден, пред 6 години.

Но, патот на Тоше Проески на почетокот не беше така рамен. Сиромашкото крушевчанче кое учеше музичко во Битола беше мета на навреди, подбивања, вицеви… Како што „бива“ кај нас во Македонија. Се сеќавам дека шмизлите во неговите први спотови не сакаа нити лицата да си ги покажат, па им ги замаглуваа. Не сакаа да се понижуваат во спотот на „провинцијалчето“ кое дошло во Скопје. Чуму таа глупост, и денес ми е далеку од паметот. Па на разноразните дрн-дрн контактни емисии му се потсмеваа на неговата наивност и чистина. Ма како може бре некој дојден од некое си Крушево со нив, големите наакани „џет-сетери“ од главниот град кои такви како Тоше јадеа за ужинка. Бедна е македонската малограѓанштина.

Ама токму тоа Крушевчанче со својата чиста душа, скромност и добрина стана херој на неизвалканите души, на децата и на младите луѓе. После сите го засакаа. И „нааканиве“ мораа да ретерираат па почна кој од кој повеќе да се лиже. Тоше Проески ни ги загреа срцата. Покажа дека се може поинаку. Покажа дека да бидеш чесен е доблест, да се сака е вистинското, да се помага е величина. Го покажа вистинскиот пат и почна да го менува македонското сивило. Тој беше еден од неколкуте ѕвезди кои оддолеваа на сивилото и изопаченоста. И кога го величеа и кога го черечеа и кога заработуваа пари на негова сметка и кога беше преморен не штедеше убав збор и насмевка, тие мали работи кои знаат да го кренат човека.

Го сакав Тоше откако се појави на сцената. Можеби ја најдов сличноста што бевме слично воспитувани, како што се воспитуваат кај нас, во „конзервативната провинција“, па делевме и слични вредности. Тоше често доаѓаше за Мала Богородица во манастирот Пречиста. Тоа беше уште една причина повеќе да го сметам за поблизок, за земјак. И Тоше Проески беше еден од оние кои мораше да замине од родното место во друг свет за да може да успее. Исто како и ние кои мораше да заминеме од Кичево за да завршиме факултет. Многу добро го разбирав зошто е приврзан за Крушево и семејството, зошто и јас бев (и останав) приврзан за моето Кичево и за семејството.

Последните месеци пред да загине, многу се налутив за една негова непромислена изјава за кој ја прочитав некаде на интернет. Тие лоши мисли и зборови кои, ете излетаа, ми тежат до денешен ден. Знам дека личност како него нити замеруваше, ама секогаш простуваше. Некако тешко ми оди да си ги простам. Ме гризе совеста. Ете, се случи.

Тоше Проески беше голем. Грамада од душа. Таквите како него ретко се раѓаат. Тоше го направи светот подобар. Кога веќе има толку многу кои се колнат дека го почитуваат, тогаш следете ги неговите дела. Да сакаме , да бидеме искрени, да помагаме, да останеме доследни, да бидеме силни, да веруваме во Бога како што веруваше и тој. Или пак воопшто да не се повикуваме на него, зошто така би биле дволични.

Тоше Проески е единствениот човек по кого Македонија искрено заплака. И Балканот и светот. Неговото заминување го почувствува секој човек како празнина во душата.

Тоше, прости за згрешеното. Еден ден, во далечната иднина повторно ќе се сретнеме во вечноста на местото каде болката не постои. Дотогаш ти го чуваме споменот. Ти благодариме за се’!

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , ,