„Трето полувреме“ е македонскиот кандидат за Оскар

Филмот „Трето полувреме” на Дарко Митревски, во продукција на Кино око, ќе биде македонски кандидат за наградата Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, што ја доделува Американската академија за филмски науки и уметности.

Друштвото за филмски професионалци на Македонија, како асоцијација овластена од Американската академија за филмски науки и уметности да го врши изборот на национален кандидат за Оскар, соопшти дека во конкуренција, покрај „Трето полувреме“, биле и филмовите „Жената која ги избриша солзите” на Теона Стругар Митевска во продукција на Систерс енд Брадр Митевски и „Скопје Ремикс” на група режисери во продукција на Ново македонско видео.

Кандидатурата на филмот „Балканот не е мртов” на Александар Поповски, исто така во продукција на Кино око, од технички причини навремено била повлечена.