Мнозинството Турци против воена интервенција во Сирија

Мнозинството Турци не одобруваат каква било воена интервенција во Сирија, покажува меѓународната анкета на германскиот Маршалов фонд.

Седумдесет и два проценти од анкетираните Турци сметаат дека нивната земја треба да стои настрана од случувањата во Сирија, а само 21 отсто ја одобруваат интервенцијата.

Анкетата е спроведена во периодот од 3 до 27 јуни, при што на анкетираните им било појаснето дека станува збор за евентуална интервенција во Сирија, каде Владата користи воена сила против опозицијата. Потоа им е поставено прашањето дали нивната Влада треба да се вмеша или да остане неутрална.

Освен во Турција анкетата е спроведена и во САД и 11 земји од Европската унија. Шеесет и два проценти од Американците и 72 отсто од Европејците се изјасниле против воена интервенција.