Убиството на охридскиот архиепископ Варлаам во Велес

Категории: Ризница

Улогата на Охридската Архиепископија низ историјата игра пресудна улога историјата на Македонскиот народ, се до нејзиното укинување во 1767 и возобновувањето 2 века подоцна, па до денешни дни. Нејзината улога е особено пресудна за време на владеењето на Османлиите со Македонија. Забележана е активната дипломатска активност на Архиепископијата со странските христијански земји која речиси секогаш одела со барањето поддршка за помош за христијаните во Отоманското царство. Интересно е што во историските извори е забележан и еден настан кој зборува дека архиепископите работеле на крепење на моралот на православното население, на тој начин одржувајќи ја во живот идејата за отфрлање на власта на султанот. Настанот се случил во градот Велес, а е објавен во книгата на  „Македонија под Турска власт (статии и други прилози)“, ИНИ, Скопје 2006.

* * *

Незадоволството на христијаните од градот Велес како да добил многу посериозни насоки кон крајот на XVI век. На 28 мај 1598 година. во градот, турските власти на свиреп начин го погубиле охридскиот архиепископ Варлаам. Во црквата Свети Климент во Охрид, на крајот од предговорот на еден Пролог од XV век, внесен е запис за овој настан, кој гласи:

„Летото 1106 (1598), месец мај, 28 ден, на архиепископот охридски кир Варлаам главата му ја отсекоа Турците во градот Велес, кои создадоа вечна мака, а на него вечна му памет”112. Дополнителна светлина врз трагиката на настанот фрла едно нецелосно житие на Варлаам, настанато набргу потоа, а најдено на Света Гора од страна на Иван Вишенскиј, „познат украински публицист и емигрант од XVI и XVII век”, поместено во неговиот ракописен зборник на трудови, како „последна, десетта глава”, озаглавено со: „Новина или вест за пронајдувањето на телото на убиениот Варлаам, архиепископ охридски, како беше пронајден и потоа до Охрид неговото преблажено тело се пренесе”. Освен тоа, што самиот наслов на житието го кажува, од него се дознава уште и дека телото на убиениот Варлаам „остана во водата неколку седмици додека барем малку не се смири тревогата и смекнаа од ѓаволот разбрануваните гневно јаросни турски срца”, за потоа, на глас за убиството и за начинот на кој тоа било извршено, некој „благороден маж” (рибар) да го пронајде телото па, поради страв од турските репресалии, тоа тајно да биде пренесено и погребано во олтарот на црквата на селото, оддалечено „близу два дена пат од градот Велес”, во чија близина и било пронајдено. Една година подоцна, некој епископ, веројатно велешкиот, се зафатил моштите на архиепископот да бидат пренесени во Охрид, каде по тој повод бил одржан народен собир, кој донел решение да се побара одобрение од локалните турски власти, па охриѓаните отишле кај кадијата и другите турски управници на Охрид, го добиле одобрението, ги зеле моштите и „го погребаа во црквата на Охридската архиепископија”. Тоа е се што може засега да се каже за судбината на охридскиот архиепископ Варлаам. Кога се знае дека неговиот претходник, архиепископот Атанасиј, токму во тоа време (1596-1599 година) странствувал и барал помош од европските државници за кревање востание на балканските народи за ослободување од турското ропство, тогаш е многу реално да се помисли дека и Варлаам дејствувал во истата насока на домашниот терен, овој пат сред своите верници и истомисленици во Велес, и ете, бил откриен и со главата го платил својот благороден, но многу ризичен чин.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , ,