Уште три дена за аплицирање за 250 илјади евра државна поддршка за аквакултура

Јавниот повик за аплицирање за добивање на субвенции за аквакултура кој е во тек, завршува заклучно со 10.ноември годинава.

Од Владата апелираат до сите оние кои имаат рибници да аплицираат за субвенциите наменети за порибување и за произвидство и продажба на риба.

– Апелираме со сите оние коишто партиципираат во дејноста и поседуваат рибници и коишто можат да ги искористат овие можности со поднесување на своите апликации да си ги добијат заслужените средства коишто повторно може да ги искористат во функција на проширување на нивниот бизнис и на нивната дејност со што секако има корист и локалниот и општиот економски развој во Р.Македонија, посочи портпаролот на Владата на РМ, Александар Ѓорѓиев.

Во јавниот повик се предвидени две мерки за финансирање и тоа субвенции за порибителен материјал од домашно производство за која се издвоени и ќе бидат исплатени 12,5 милиони денари и субвенции за произведена и продадена риба на пазарот за која ќе бидат исплатени 1,5 милиони денари.

– Се работи за навистина добра помош од околу 250 илјади евра којашто државата ја дава за поддршка на бизнисмените коишто функционираат во рамките на оваа свера втора година по ред. Минатата година имавме добри резултати, оваа година исто така очекуваме повторно да им се најдат овие средства коишто ги даваме преку Агенцијата за поддршка на земјоделството. Целокупниот бизнис којшто партиципира во оваа свера има можност во периодот до понеделник 10.ноември да ги испрати своите апликации до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој,  истакна Ѓорѓиев, кој нагласи дека рокот нема да биде продолжен и дека заинересираните субјекти имаат уште три дена да аплицираат за добивање на средствата.

Финансиската поддршка се исплаќа во висина од 600 денари за чување на риба- матица. За видовите охридска, речна и виножитна пастрмка и поточна златовчица ќе се финансираат најмалку 700 броја по одделен вид риба, односно најмногу 420 илјади денари.

За видот крап ќе се финансираат најмногу 300 броја, односно најмногу 180 илјади денари, а за видовите амур, сом и толстолобик ќе се финансираат 50 броја, односно најмногу 30 илјади денари по одделен вид риба. За купен подмладок финансиската поддршка се исплаќа по принцип 40 проценти од просечната пазарна цена на набавениот подмладок.

Како и минатата година заради поттикнување и стимулирање на конкурентноста и поддршка од сите видови бизниси средствата се исплаќаат скалесто и тоа за произведена риба во рибник со проектиран капацитет до 25.000 килограми – 100 процентисубвенцијата, за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 25.000 до 50.000 килограми – 75 проценти, за произведена риба во рибник со проектиран капацитет од 50.000 до 100.000 килограми – 50 проценти и за произведена риба во рибник со проектиран капацитет со над 100.000 килограми производство 25 проценти од субвенцијата.

Висината на вредноста на поддршката за килограм произведена и продадена риба од автохтоните видови риба – речна пастрмка и охридска пастрмка ќе изнесува 20 денари по килограм, а за видовите виножитна пастрмка, поточна златовчица, крап амур, сом и толстолобик 10 денари по килограм.

Сите заинтересирани субјекти треба да ги достават апликациите лично во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој или да ги испратат преку препорачана пошта на адреса на Агенцијата заклучно до 10.11.2014 година.