Викнете доктур, с’овега… (8)

Тогаш рингишпили, циркуси и слични забавни содржини во градот, доаѓаа на местото од сегашниов младински дом „Кочо Рацин“, поточно од оваа страна каде што се наоѓа Кичевскиот музеј. Дојде циркус „Медрано“. Напојувањето со електрична енергија се вршеше со разни кабли преку едно високо дрво Црница, кое се наоѓаше веднаш под денешното патче од бекатонски плочки кое води за „Под Варош“ и што им служеше како бандера за да не се влечат електричните кабли по земја.

Ете, и такви мерки на безбедност не беа доволни. Имаше еден дечко од „Бела Кула“ го викавме Бате Муте. Во тие времиња филмот Тарзан беш хит над хитовите, омилен кај сите возрасти и кај децата и помеѓу повозрасните. За помладите !!, Тарзан беше лик кој израснал, живееше во џунглата и кој во комуникацијата со животните, качен на највисокото дрво употребуваше продорен глас со ономатопеа: Аааааааијиииијиииаааааааијиииииаааааа……….

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Секогаш кога ќе се огласеше во филмот, сите животни од џунглата се собираа кај него како по наредба. Подобар подржувач, имитатор на Тарзановиот повик кон дивината од Бате Мутета, немаше во градот. Не дека немаше обиди, реплики, имаше многу ама Бате Муте беше цар, Тарзан II.

Тогаш живеевме во близина на кафанана „Самба“, на улица „15 Ноември“. Се слушна кичевскиот Тарзан и неговиот повик се разлеа до кај Кејон. Тоа време немаше сметачи на звукот од типот на високи згради, коли, кафулиња па чистината на повикот „веднаш не собра “ кај него. Се доближивме со брат ми и видовме Бате Муте качен на врв на Црницата, му става на знаење на градот дека има новитет, дошол циркус. Се огласи уште неколку пати во Тарзанов стил и почна да слегува надолу ……. И наеднаш санки гром, оној звук на пукот, спој на 2 жици од струја.

Дури разбравме што се случи Бате Муте на земја долу се најде. Притрчавме ние неколкумина и веднаш се слушна идеја од постар: Закопајте го в земја (демек струјата што го удрила, ќе се испразни во земјата како проводник). Запнавме сите, за кратко време го запретавме Бате Мутета само глава се гледаше од него. Се совзеде малку и изусти со тежок, испрекинат глас: – …„Викнете доктур“ …..Ние си продолживме со „празнењето на електрицитетот“ од него, запретувајќи го подлабоко. Пак изусти, ама сега обогатено со сленг од „Бела Кула“: …„Викнете доктур совега*“ Му возврати брат ми „адекватно“, оти учеа заедно и се дружеа: …. „Е немат доктур блиску новега*“/Не се драпај со мене, море каур, маур, да ти соста врнки* вносулки“ …. уште поразбистрен му возврати Бате Муте на брат ми ………. „Доктур“ не дојде, а Бате Муте уште долги години после овој настан го параше Кичевското небо со неговиот Тарзанов урлик.

Совега* = со „мојов“ Новега* = и ти на мојов Врнки* = како врнење дожд, да ти ејакулира во носот.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако