Адеми: Владата ќе одлучи дали ќе се обезбеди нафта за греење за училиштата во Кичево

Категории: Македонија, Слајдер

Училиштата во општина Кичево во кои нема греење веројатно ќе добијат нафта од Дирекцијата за нафта и нафтени резерви, за што треба да биде одлучено во Владата,  соопшти министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

Се работи за   „Кузман Јосифоски – Питу“ и „Владимир Полежиноски“ со околу 1200 ученици кои имаат блокирани сметки и не можат да набават нафта за греење. Нивните побарувања се околу 450 тони нафта, а од Дирекцијата би им обезбедиле меѓу 200 и 250 тони.

Адеми на прес-конференција нагласи дека Кичево ќе биде исклучок во таквата евентуална интервенција на државата, односно централната власт, затоа што е новоформирана општина согласно со  Законот за територијална организација и ги наследила долговите на петте припоени општини.

– Ги повикувам сите политички партии да не го политизираат и да не го етнизираат овој случај. Општина Кичево е формирана пред една година, во неа се споени пет други општини и при нивното спојување Кичево од нив наследи долг, кој се однесува и во областа на образованието. Тие училишта се со блокирани сметки поради долгови во претходните години, кои се зголемени од 2009 до 2013 година. Тоа е главниот проблем што тие не можат да објават постапка за обезбедување нафта за греење. Општината им излезе во пресрет за обезбедување транспорт од својот буџет и го надмина тој проблем, но останува проблемот со греењето. Општина Кичево има доставено барање до МОН за обезбедување нафта и најверојатно тоа ќе се разгледува на следната седница. Има позитивно мислење од Дирекцијата за нафта и нафтени резерви за обезбедување одредена количина, но одлуката е на Владата, рече Адеми.

Доколку Владата одлучи отстапување нафта за Општина Кичево, тоа ќе биде привремено решение, а за трајно решение на проблемот, рече Адеми, општината ќе треба да подготви добар план за рационализација и да обезбеди услови за следната година проблемот да не се повтори.

Ако на ваков начин се реши проблемот во Кичево, тоа нема да биде пример за другите општини кои имаат исти проблеми, туку тие мора сами да ги решат со планирање на буџетите зашто  добиваат блок-дотации.

– Основното и средното образование се децентрализирани. МОН обезбедува блок-дотации кои секој месец се префрлуваат до општините – за плата, за греење, за транспорт и за одржување на училиштата. Според Законот за локална самоуправа, општините се надлежни и треба навремено да ги почнат постапките за обезбедување нафта или друг вид енергенси за греење и за транспорт на учениците и треба да ги зголемат нивните капацитети за подобро да се справуваат со предизвиците во образованието, истакна ресорниот министер.

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , ,