Во Кичево во 15 век се произведувала свила

Овој интересен податок се наоѓа во еден турски документ, дел од пописен дефтер од 15 век. Тој ги опфаќа стопанските карактеристики на Кичевската нахија која освен Кичево, ги опфаќала и селата од Брод и Поречието.

Свиларството бил посебен занает кој опфаќал одгледување на свилена буба и производство на свилен конец од кој се изработувала свилата. Процесот бил доста сложен и речиси таен. Потекнува од Кина, стар е над 3000 години. Тајната била чувана од Кинезите се до 6 век кога византискиот цар Јустинијан I, пратил двајца монаси за да донесат свилена буба во Константинопол. Четири години потоа потфатот успеал и Константинопол станал центар на производството на свила. Тајната строго била чувана, а за самата ткаенина се воделе и војни. Привилегијата да се носи свила била само на богатите слоеви, а истата да се произведува, само на способни занаетчии.

Свилена буба на листови од црница

Девет века подоцна производството на свила се среќава и во Кичевско и тоа во неколку села. Според документот до кој дојдов, со свиларство се занимавале селата,  и др. кои не се наведени со име. Овој занает бил вносен, вкупниот приход изнесувал околу 3500 акчи.

Малку невообичаено за нашиот крај. Оттогаш имаат поминато скоро 500 години, но никој во Кичево не се сеќава на таков занает. Каде исчезнал и како исчезнал, останува мистерија. Но подоцна, во разговор со жители на селото Речани – челопечко, жителите ми посочија дека ги паметат црниците на кои, според нив, се одгледувала и живеела свилена буба! Како и зошто не ја произведуваат го наведуваат тешкото време и тоа што занаетот никој не го знае.  Дали свилената буба продолжила природно да живее – неможев да дознаам. Така засега Речани останува единственото село каде сеуште нешто знаат за свилената буба и некогашниот вносен занает – свиларството.

Според историските записи, ова мало селце имало прилично бурна историја. Во 15 век било едно  од најголемите во Кичевската нахија. Населението било десеткувано од епидемиите на црната чума кои во 15 и 16 век уништиле над 50% од популацијата во Македонија. Над селото има старо манастирче посветено на Свети Врачи кое било разурнато од Турците. Кога – не е познато. Можно е во исто време да страдало и целото село бидејќи голем дел од денешните жители се дојденци пред 200 – 300 години од други села и не е познато дали има некој староседелец. Селото било чифлик на кичевски бег.

Exit mobile version