Водата од Свињишта – мевлем за многу болести

Оние што ја вкусиле оваа вода немаат стомачни проблеми, чиреви, тешкотии со варењето и други здравствени тегоби. Водата од нашите извори е еликсир на младоста и мевлем на рана за многу болести, вели Зоран Јовески, жител на селото Свињишта. Тоа го потврдуваат и лекарите на Општата болница во Кичево.

ЛЕКОВИТИ ИЗВОРИ ВО ОПШТИНАТА ДРУГОВО 

Веројатно многумина во земјава никогаш не слушнале за селото Свињишта, сместено во општината Другово, ниту пак знаат каде се наоѓа, но според сведоштвата на месното население, токму тука се наоѓаат лековити извори со минерална вода што ги посетуваат голем број луѓе од цела Македонија.
Месното население вели дека секој што барем еднаш ја вкусил минералната вода од ова село веднаш ги почувствувал нејзините благодати. Тоа го потврдуваат сите оние што со децении доаѓаат на изворите и полнат стотици литри минерална лековита вода, која излекувала многу нивни болести.

– На овие извори доаѓаат луѓе од речиси целата наша земја, а најмногу ги има од Кичево, Битола, Охрид, Прилеп и од Тетово. Сите луѓе што ја пиеле или ја пијат оваа вода веќе не чувствуваат никакви здравствени тегоби. Напротив, по консумирањето се чувствувате убаво, како да сте внеле во организмот некој еликсир на младоста. Оние што ја користат оваа вода никогаш немаат стомачни проблеми, чиреви, тешкотии со варењето и други проблеми. Едноставно, водата од нашите извори е како мевлем на рана за многу болести – ни рече Зоран Јовески, жител на селото Свињишта.

ПОФАЛНИ ЗБОРОВИ ЗА КВАЛИТЕТОТ

Овие негови тврдења ги потврдија и лекарите од кичевската општа болница, кои исто така имаат пофални зборови за квалитетот на оваа вода.

– Иако овие наши тврдења сѐ уште не се официјално медицински потврдени, сепак од личните искуства на многубројните корисници на водата е потврдено дека таа најмногу им помага на пациентите што имаат проблеми со гастроинтестиналниот тракт. Одлична превенција е за чиреви и за гастритис. Од овие причини нејзиното користење е одличен избор за луѓето што имаат вакви и слични проблеми – вели Крсте Трајкоски, лекар од примарното здравство.

Инаку, од овие извори се земаат мостри, кои се анализираат и покажуваат дека водата, без исклучок, е чиста и здрава за пиење, што го потврдуваат и службите задолжени за квалитетот на водите во Кичевско.
Поради зголемениот интерес за лековитите извори и сѐ поголемиот број луѓе што доаѓаат во Свињиште, претставниците на општината Другово решија да се вклучат во уредувањето на изворите и нивната околина. За таа цел е изграден нов бетонски мост, со што е олеснет пристапот до самото место.

ЗГОЛЕМЕНА ПОСЕТЕНОСТ

– Бидејќи лековитите извори ја зголемија посетата на ова место, ние како општина се вклучивме во уредувањето на изворите во селото Свињишта. Изградивме нов бетонски мост и го олеснивме пристапот до нив. Правиме напори и за туристичка промоција на изворите, не само во нашата земја туку и во странство – ни откри Добре Никоски, градоначалникот на општината Другово.

Тој додаде дека веќе има заинтересирани лица што сакаат да ги комерцијализираат овие извори, да ја полнат водата и да ја пласираат на пазарот.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија