Водици во село Ижишта

Категории: Лично, Ризница, Слајдер

Ден Божји 18 – ти Јануари, Водопос, почеток на Водици. Ноќта на премин од 17 во 18 – ти после 12 сатот се собираат Божи Кумовите, го врзуваат и китат сребрениот крст со Босилек, црвен и бел конец и старо сребрено париче. Во Ижишта одсекогаш бил само еден крст за цело село, што го сметам за предност, бидејќи сите селани имаат можност да влезат во секоја куќа и да се видат со домаќинот, макар еднаш годишно. Да му се служи на Бога и селото на секоја куќа и се паѓа еднаш во 14 години. Овој ден е строг пост, кој според кажувањето на постарите при постот кој што тие го практикувале порано, било дозволено било само пиење вода, без никакво јадење.

Треба да се види глетката на селото пред, во обичен ден и на денот Водопос, за да се долови што значат Водици за нас Ижиштани. Активни, полни со живот во обичен ден се неколку куќи во двете маала, додека сите други куќи се затворени. На овој ден буквално сите куќи светнуваат, се палат вековните прадедови и дедови огништа. Во времиња кога немаше коли и кога требаше „дебела врска“ за да фатиш место во „реисот“ (автобус) не изостана оваа традиција, нема да изостане никогаш.

Ижишта е село со класична Македонска печалбарска судбина. Куќи изградени со пари од печалба, која не ги одминала ниту нашите предци, па така имаме рассеани Ижиштани по цел свет, Аргентина, Америка, Германија, Романија, Унгарија, Украина, Хрватска, Србија, Бугарија и др. Во некои други времиња доаѓаа сите Ижиштани од бившите југословенски простори како аманет од своите предци, овие денови да ги поминат во Ижишта.

Прадедовата куќа. На овој ден буквално сите куќи светнуваат, се палат вековните прадедови и дедови огништа.

Божи Кумовите ( секоја година се 3 – 4 куќи споени заедно кои ги делат трошоците за пречек на целото село и гостите во Свети Јонскиот дом) со крстот и котлето овој ден рано сабајле одат во месната парохија, во Македонски Брод каде се пее крстот во водата која е осветена од страна на свештено лице. После тоа доаѓаат во селото и одат во секоја куќа по распоред кој е непроменет векови наназад. Влегуваат во секоја куќа од селото и ги канат домаќините на утрешниот ручек.

Пречекани од домаќинот со посна трпеза, грав, посна сарма, црвени пиперки, печена тиква, костени, ошав и друго посно јадење. При влегувањето во секоја куќа се прска со крстот Света вода по сите простории со зборовите: ….„Колку капки Света вода, толку дари бериќет од Бога“ !
Утредента 19 – ти Јануари, Машки Водици, сите мажи рано во 7:30 h се збираат во црквата каде Божи Кумовите служат секој по едно чајник топла ракија и овал со месо, кашкавал и др. Пред да започне церемонијата на канење од страна на кумовите, сите присутни палат свеќа на гробовите на своите предци, барајќи изим и прошка за сите сторени добрини и гревови помеѓу двете Водици. Се назначуваат и „бирачите“. Тоа се тројца луѓе (вообичаено стариот, актуелниот и новиот кум) кои одат како претходница пред сите Водичари и пред секоја куќа пеат песна. Водичарите не смеат да влезат во куќа, додека бирачите не ја испеат оваа песна:

СТОМЈАНИНЕ ДОМАЌИНЕ

Стомјанине, домаќине
Дали спиеш или пиеш
Ако спиеш разбуѓај се
Ако пиеш весели се
Што ти дошле добри гости
Добри гости Водичари
Добар абер ти донесле
Све се стадо изјагнило
Половина облизнило
Сите женски калешати
А машките беличести…..
……Се пее пред куќата пред да се влезе, а потоа излегува домаќинот и ги кани Бирачите да влезат.

Седнал ми е стари Јанко
На чардаци со пармаци
На постели копринени
На постели бамбакерни
Мили снаи диван стојат
А ќерки му чибук палат.
…….Се пее од кога ќе влезат дома Бирачите, пред да се напијат.
Од кога ќе ја испеат, седнуваат и наздравуваат со топла ракија и се послужуваат со мезе.

Стани, стани старешино
Да не платиш авајетот
Авајетот водичарски
…..Се пее од кога ќе наздрават, стануваат и го бараат авајетот (награда) водичарски ( по 100 денари од член и едно домашно колбавче)

Ај сполај ти домаќине
Да дочекаш и в година
И в година позамногу
Со се што си во куќата
Со се мало и големо.
ЗА МНОГУ ГОДИНИ … се благословит !

Откако ќе се испие ракијата в црква, Божи Кумовите го канат цело село на ручек. Порано ручекот се даваше по куќите на Божи Кумовите, но поради скудност на просторот се направи Свети Јонскиот дом во кој можат одеднаш да се опслужат 100 – тина Водичари.

Машки Водици

Пред Свети Јонскиот дом, Водичарите ги пречекува музика пазарена од страна на кумовите. Музиката во составот на инструментите е непроменета, преку 25 години. Пред, задолжително кларинет, труба, џас – голем тапан со бакарна чинела, добош – барабанче, и хармоника, а во последно време и саксафон.

Секој од нас Водичарите си има „обележено“ свое место при седнувањето во домот. Се служи кафе при седнувањето, а софрите се полни со разни салати и предјадења. Од пијачка се служи исклучиво топла или ладна ракија. За ручек се даваат 3 видови јадење и крем супа како предјадење. Традиционално гравче со пушени ребра, компир манџа со телешко месо и подварок со пушена сланина. Музиката цело време свири по порачка на Водичарите. Се останува во домот до 14 – 15 сатот, а потоа со оро пред домот Божи Кумовите ги канат Водичарите да ги посетат сите куќи. Се тргнува со музика и се свири во секоја куќа по редослед како што одел крстот векови наназад. Во секоја куќа башка „табиет“, некаде пеглани пиперки, некаде изварка со парче кромид, некаде расолница, некаде мед, но секаде задолжително мезе, колбаси, кашкавал, сирење и топла и ладна ракија. Во секоја куќа башка желба за музика, па многумина од нас „ветерани“ по изборот на песна од музиката точно знаат во која куќа се Водичарите. „Останал Кољо сираче, Кралот мртов падна, Три години Стамбол го шетав, Мајка има едно чедо, Димчета аскер го пишаа“ непогрешливо се пеат во куќите на …….. и се така често до 03, 04 сатот по полноќ.

Топла ракија од чајниче и се е можно

На секој Водици „тефтер“ за нај, нај ситуации, кој вреди да се запишат и раскажуваат на поколенија, па така од колективната меморија на Ижиштани за случки кои се случиле на Водици, издвојувам:

Случка прва, се опијанува и си легнува …….Како во сон или јаве несигурен, станува и слуша преубави езгии се тераат кај Налковци. Полутрезен, облекува над пижамите капут и директ тамо, а тамо пречек друштво, мераклии со најубави ора, сербаниња сите испоседнати на душеме. Никој не „фаќа“ кусур оти гол по пижами им дошол, продолжуваат до 7 сабајле, а после им останало само да предложат да не се оди дома, туку од тука директ в црква.

Случка втора, се фаќаат на опклада двајца блиски роднини кој кого ќе опијани в крај, паѓа закана дека некој некого в количка ќе носи дома. Едно време сабајлето мајка му на едниот „обзнанува“ дека го немат син е дома. Се прави „потера“ од селаните и го наоѓаат в јасли со магарето в пондила заспан од пијанство.

Случка трета, на докажани Ижишки мераклии за ракија по „блага“ ургенција од нивните жени кај докторите, им се забранува пиење на секаков алкохол. Водици, а „повиканиве“ не пијат во ниедна куќа, нормално заебантиве ги прашуваат како се чувствуваат без пиење, а еден од нив опишува: ……. „Абе ние со ракијава сме сега ко некој волови што работеле од 4 наутро до попладне летно време, да ги врзиш и да им дадеш сено на 5 метри далечина, да го гледаат а да не можат да каснат.

Случка четврта, до куќана Страшомироска има два пата. Многу покусиот, предизвикувачкиот има едно патче над стрмно долче полно со капини, тест за секој од нас, ако го поминеш неискршен, навистина си трезен. Многумина „поднаебале“ потценувајќи го. Одиме и еден постар кажува за постари од него како морале да ги вадат …….и го снема човекот одеднаш, како повлечен во пештера пропадна, а после „влечењето со тирфур“ како во ратни игри да учествувал човекот во лицето, целиот издраскан. Никогаш повеќе не дојде од тоа долче.

Случка петта, гостин од Кичево, „напумпан со идеја дека топла ракија не е ништо за него“ си ги тера со ред сите церемонии со нас. Излегувам од Светијонскиот дом и здогледав едно купче на земја од „амалгам – недефинирана смеса“ со примеси на сите јадења во неа. На 5 метри потака исто…потака пак исто и едно време „следејќи“ ја трагата го најдов дома во состојба на прекиснато тесто.

Случка шеста, двајца повозрасни се договараат на Машки Водици „покасното“ да си одат за Кичево со колата од едниот, оти утредента биле на работа. По договорот се наоѓаат „поднапиени“ како што доликува на Водици…..арно ама колава не запалила, зема едниот го потурнува, се пали колата и шоферот продолжува со возење. Викал, викал другиот, стој бре да се качам, ама ништо. Едно време со колата шоферов застанува во Кичево, населба Карпош и му вели: ….. „ Ајде слегувај, стасавме дома“……Од кога сватил дека го оставил в Ижишта, се вратил, ама влегол во „тефтерот“.

Утредента вториот ден – Женски Водици „главниот збор“ го имаат жените. Во црква се распашува стариот Божи Кум и му го предава кумството на новиот. При предавањето се пее Водичарска песна – Света Недела :

Рано заспала Света Недела
Меѓу два друма, два манастира.
Тука помина сам Свети Јован
В раце носеше бакарно котле
И во котлето сребрено крвче
И на крвчето китка Босилек
Ем ја поштрка, ем ја разбуди
Стани ми стани Света Недело
Денеска ми се до два празника
Свети Недела, ем Свети Јован.

Гора мириса Темјанојна
Темјанојна, босилкојна
Во гора има црква, манастир
А во црквата девет попои

Девет попови, десето ѓаче
Десето ѓаче Николче
Книга читаше, служба служеше
Служба служеше Бога молеше
Поле да роди вино и жито.

Ајде станете селски селани
Ајде станете крст да одврзете
Да распашате старега кума
Да запашате новега кума
Да се распаше в поле бериќет.

Женски водици

При церемонијалот на предавањето на паричето од крстот, стариот Божи Кум прашува дали некој изгубил париче, се јавуваат новите Божи Кумови кои треба да го превземат домаќинството, кои тврдат дека е нивно. Тој прашува дали ќе дадат нешто за паричето, а бидејќи тие не даваат ништо, „зошто е нивно отсекогаш“, ги „бесат“. Тогаш новите кумови фрлаат паричиња, костени, бомбончиња, пченица, како симбол за плодна година. Се смета дека земање на дел од фрленото носи среќа цела година. Повторно исто е се, само што плус на „менито“ за жените се става и благо.

Овој ден жените раководат со музиката повторно влегувајќи во секоја куќа. Поранешните жени имаа повеќе смисол за хумор, па редовно ставаа на долг стап „колбас со црна волна и две тркала“ одлична симболика и имитација на машки полов орган, чукајќи по вратите од куќите на домаќинките.

„Ај не отвори да те видам“, можеби може но по цена на колективна клетва …… „да не го видиш до година“…………се сомневам !

Вечерта после целосната обиколка на селото, цело село се собира на „игранка“ во домот. Тука завршуваат Водици, вообичаено после 12 h.

Овој ден жените раководат со музиката повторно влегувајќи во секоја куќа

Колку само пати во животот сум посакувал Водици да биде два пати во годината, за да можам сите драги лица да ги видам повторно, да се насладувам на музиката, да се глупирам без шема, а никој да не ти замери.

Напротив.

Ние Ижиштани во тие денови дишеме како едно тело. Нашата гостопримливост, дружба, топлина, човекољубие надалеку прочуена, дури во интернационални рамки, до Амбасадорите во Р.М. Ги имаме како гости секоја година, кај нас. Ако ништо друго, барем нека слушнат дека во песните пееме без географски додавки на името: ……„Македонијо мајко страдалнице“, …„Ништо не те плаши Македонијо“…..Едно имаме, во душата го носиме“…..„ За многу години Македонци“ ………..

Wilkomen за германскиот амбасадор Ралф Андреас Брет. Шнaaапс, 3 – 4 куќи после, само слушнав very difficult и ги снема амбасадориве !!!

Покрај другите амбасадори, дојде на гости на Водици и Ференц Кекеши, амбасадор на Унгарија во Македонија. Од кога разбра колку куќи се направени од австро – унгарски пари на нашите предци – печалбари, поинаква тема завзеде разговорот со него. Во секоја куќа слики на наши печалбари со потписи на Унгарски, сликари Унгарци. Почуствува топлина човекот, се најде како во „свои“. „Извадивме“ 2 – 3 Ижиштани кои перфектно зборуваат Унгарски…….. Тврдам, видов, го почувствував тоа…….дека во признавањето на Унгарија на нашето уставно има дел, заслуга и на нас Ижиштани !!!

Не знам дали постои поширокоградни луѓе како домаќини на Водици од нас Ижиштани. Не помнам кавга, не дај Боже тепачка помеѓу соселани на Водици. Дури, имало случаи на давање – земање помеѓу две куќи па развод на брак и нормално нетрпеливост, но за Водици без еден збор настрана. Адетот, аманетот, насиетот на овој ден да сме тамо, да сме заедно и сложни на нашите предци ни е пред се !!

Ги повикувам сите добронамерници, сладокусци по добра музика и провод, да дојдат на Водици во село Ижишта, да се уверат во широчината на духот на нас Ижиштани.

Сите куќи ширум отворени !

ЗА МНОГУ ГОДИНИ…………

ПОЕЗИЈА ОД ЗОРАН СТОЈАНОСКИ

Извадоци од книгата: БЕШЕ ЕДНАШ ОД КИЧЕВО

Имај разбирање, Господи
За желба искрена, чедна
Иако знам дека твојата
Секогаш е последна.

Кога ќе сум крај со емисијава
И кога никој за мене не ќе мари
Тогаш да не ме заборавиш
Да не ме оставиш без пари.

Да појдам од кај што тргнав
И прв пар чув за Ќираца, петок, сабота
Ти знаеш дека за нас Ижиштани
Водици се света работа.

Да се искачам горе на тумбено
Со свеќа за нашите светци
Да го исполнам насиетот
На моите предци.

Тие така ми велеа
За Свети Јон таму да бидеш
Тие така ме учеа
Кај да си, дома да идеш.

На гробот на дедо ми
Со греана ракија
на сите убави нешта
бил мераклија.

Па да ги соберам сите музики
Водичарски да ми свират
Душата в младост да одлета
Дамари да се смират.

Да ги накитам со пари од сите страни
Ко мијачки невести да бидат
В нозе да идат по мене
Да не можат небоно да го видат.

Со Симота Бајде и дружина
едно тешко да врземе
земјата под нас да се поткрева
Водине да и врземе.

Имај разбирање Господи
за мерак што не се мери
За желба искрена, чедна
Иако твојата е последна.

Текст и фото: Марјан Стојаноски

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , ,