Водици во село Ижишта (52)

Sv Krst

Со почетокот на секоја Нова Година, пак исто! Повикува древнина, повикува старина, повикува Свети Јован! Да се собереме, да не осветли, да не прегрне, нас и сите луѓе со добра воља! За многу години Св. Јон!

ВОДИЦИ ВО СЕЛО ИЖИШТА!

 

Ден Божји 18 – ти Јануари, Водопост, почеток на Водици. Ноќта на премин од 17 во 18 – ти, во мугри, пред изгрејсонце се собираат Божи Кумовите, го врзуваат и китат сребрениот крст со Босилек, црвен и бел конец и стари сребрени паричиња. Во Ижишта одсекогаш бил само еден крст за цело село, што го сметам за предност, бидејќи сите селани имаат можност да влезат во секоја куќа и да се видат со домаќинот, макар еднаш годишно.Да му се служи на Бога и селото како Божи кум на секоја куќа и се паѓа еднаш во 11 години. Овој ден е строг пост, кој според кажување на постарите при постот кој што тие го практикувале порано, било дозволено било само пиење вода, без никакво јадење. Треба да се види глетката на селото пред, во обичен ден и на денот Водопост, за да се долови што значат Водици за нас Ижиштани. Активни, полни со живот во обичен ден се неколку куќи во двете маала, додека сите други куќи се затворени. На овој ден буквално сите куќи светнуваат, се палат вековните прадедови и дедови огништа. Ако во времиња кога немаше автомобили и кога требаше „дебела врска“ за да фатиш место во „реисот“ (автобус) не изостана оваа традиција, нема да изумре никогаш.

Iziste pogled

Ижишта е село со класична Македонска печалбарска судбина. Куќи изградени со пари од печалба, која не ги одминала ниту нашите предци, па така имаме рассеани Ижиштани по цел свет, Аргентина, Америка, Германија, Романија, Унгарија, Украина, Хрватска, Србија, Бугарија и др. Во некои други времиња доаѓаа сите ижиштани од бившите југословенски простори како аманет од своите предци, овие денови да ги поминат во Ижишта.

Прадедовата куќа. На овој ден буквално сите куќи светнуваат, се палат вековните прадедови и дедови огништа. Божи Кумовите ( секоја година се 3 – 4 куќи споени заедно кои ги делат трошоците за пречек на целото село и гостите во Свети Јонскиот дом) со крстот и котлето овој ден рано сабајле одат во месната парохија, во Македонски Брод каде се пее крстот со водата која е осветена од страна на свештено лице. После тоа, доаѓаат во селото и одат во секоја куќа по распоред кој е непроменет векови наназад. Влегуваат во секоја куќа од селото и ги канат домаќините на утрешниот ручек, пречекани од домаќинот со посна трпеза, грав, посна сарма, црвени пиперки, печена тиква, костени, ошав и друго посно јадење. При влегувањето во секоја куќа се прска со крстот Светата вода по сите простории со зборовите: ….„Колку капки Света вода, толку дари бериќет од Бога“ !

Утредента 19 – ти Јануари, Машки Водици, сите мажи рано во 7:30 h се збираат во црквата каде Божи Кумовите служат секој по едно чајник топла ракија и овал со месо, кашкавал и др. Пред да започне церемонијата на канење од страна на кумовите, сите присутни палат свеќа на гробовите на своите предци, барајќи изим и прошка за сите сторени добрини и гревови помеѓу двете Водици. Се назначуваат и „бирачите“. Тоа се тројца луѓе (вообичаено преставници од стариот, актуелниот и новиот кум) кои одат како претходница пред сите.Водичари и пред секоја куќа пеат песна. Водичарите не смеат да влезат во куќа, додека бирачите не ја испеат оваа песна:

СТОМЈАНИНЕ ДОМАЌИНЕ

Стомјанине, домаќине Дали спиеш или пиеш

Ако спиеш разбуѓај се

Ако пиеш весели се

Што ти дошле добри гости

Добри гости Водичари

Добар абер ти донесле

Све се стадо изјагнило

Половина облизнило

Сите женски калешати

А машките беличести…..

……Се пее пред куќата пред да се влезе, а потоа домаќинот ги кани Бирачите да влезат.

Седнал ми е стари Јанко

На чардаци со пармаци

На постели копринени

На постели бамбакерни

Мили снаи диван стојат

А ќерки му чибук палат.

Maski Vodici

…….Се пее од кога ќе влезат дома Бирачите, пред да се напијат од ракијата.Од кога ќе ја испеат, седнуваат и наздравуваат со ракија и се послужуваат од поставената софра..

Стани, стани старешино

Да не платиш авајетот

Авајетот водичарски

…..Се пее од кога ќе наздрават, стануваат и го бараат авајетот (награда) водичарски ( по 150 денари од член и едно домашно колбавче)

Ај сполај ти домаќине

Да дочекаш и в година

И в година позамногу

Со се што си во куќата

Со се мало и големо.

ЗА МНОГУ ГОДИНИ … се благословит !

 

Машки водици
Машки водици

Откако ќе се испие ракијата в црква, Божи Кумовите го канат цело село на ручек. Порано ручекот се даваше по куќите на Божи Кумовите, но поради скудност на просторот се направи Свети Јонскиот дом во кој можат одеднаш да се опслужат 100 – тина Водичари.

Машки Водици кај нас дома. Пред Свети Јонскиот дом, Водичарите ги пречекува музика пазарена од страна на кумовите. Музиката во составот на инструментите е непроменета, преку 25 години. Порано, задолжително кларинет, труба, џас – голем тапан со бакарна чинела, добош – барабанче, и хармоника, а во последно време и саксафон.

Vodici izista 3 Vodici Izista2

Секој од нас Водичарите си има „обележено“ свое место при седнувањето во домот. Се служи кафе при седнувањето, а софрите се полни со разни салати и предјадења. Од пијачка се служи исклучиво топла или ладна ракија. За ручек се даваат 3 видови јадење и крем супа како предјадење. Традиционално гравче со пушени ребра, компир манџа со телешко месо и подварок со пушена сланина. Музиката цело време свири по порачка на Водичарите. Се останува во домот до 14 – 15 сатот, а потоа со оро пред домот Божи Кумовите ги канат Водичарите да ги посетат сите куќи во селото. Се тргнува со музика и се свири во секоја куќа по редослед како што одел крстот векови наназад. Во секоја куќа башка „табиет“, некаде пеглани пиперки, некаде изварка со парче кромид, некаде расолница, некаде мед, но секаде задолжително мезе, колбаси, кашкавал, сирење, топла и ладна ракија. Во секоја куќа башка желба за музика, па многумина од нас „Водичарски ветерани“ по изборот на песна од музиката точно знаат во која куќа се Водичарите. „Останал Кољо сираче, Кралот мртов падна, Три години Стамбол го шетав, Мајка има едно чедо, Димчета аскер го пишаа“ непогрешливо се пеат во куќите на …….. и се така без застој, најчесто до 03, 04 сатот по полноќ.

Vodici naslovna

На секoи Водици „тефтер“ за нај, нај ситуации, кој вреди да се запишат и раскажуваат на поколенија, па така од колективната меморија на ижиштани за случки кои се случиле на Водици, издвојувам:

Случка прва, се опијанува „мортус“ и си легнува …….Како во сон или јаве несигурен, станува и слуша преубави езгии се тераат кај Налковци. Полутрезен, облекува над пижамите капут и директ тамо, а тамо пречек друштво, мераклии со најубави ора, сербаниња сите испоседнати на душеме. Никој не „фаќа“ кусур оти гол по пижами им дошол, продолжуваат до 7 сабајле, а после им останало само да предложат да не се оди дома, туку од тука директно в црква да заминат.

Случка втора, се фаќаат на опклада двајца блиски роднини, кој кого ќе опијани в крај, паѓа и закана дека некој некого в количка ќе носи дома. Едно време сабајлето мајка му на едниот „обзнанува“ дека го нема син е дома. Се прави „потера“ од селаните и го наоѓаат в јасли до магарето в пондила, заспан во сеното од пијанство.

Случка трета, на докажани Ижишки мераклии за ракија по „блага“ ургенција од нивните жени кај докторите, им се забранува пиење на секаков алкохол. Водици, а „повиканиве“ не пијат во ниедна куќа, нормално заебантиве ги прашуваат како се чувствуваат без пиење, а еден од нив опишува:

……. „Абе ние со ракијава сме сега ко некој волови што работеле од 4 наутро до попладне летно време, да ги врзиш и да им дадеш сено и вода на 5 метри далечина, да ги гледаат а да не можат да чепнат.

Случка четврта, до куќана Страшомироска има два пата. Многу покусиот, предизвикувачкиот има едно патче над стрмно долче полно со капини, тест за секој од нас, ако го поминеш неискршен, навистина си трезен. Многумина „поднаебале“ потценувајќи го. Одиме и еден постар кажува за постари од него како морале да ги вадат …….и го снема човекот одеднаш, како повлечен во пештера пропадна, а после „влечењето со тирфур“ како во ратни игри да учествувал човекот во лицето, целиот издраскан. Додека умре, никогаш повеќе не дојде од тоа долче.

Случка петта, гостин од Кичево, „напумпан со идеја дека топла ракија не е ништо за него“ си ги тера со ред сите церемонии со нас. Излегувам од Светијонскиот дом и здогледав едно купче на земја од „амалгам – недефинирана смеса“ со примеси на сите јадења во неа. На 5 метри потака исто…потака пак исто и едно време „следејќи“ ја трагата го најдов дома во состојба на прекиснато тесто.

Случка шеста, двајца повозрасни се договараат на Машки Водици „покасното“ да си одат за Кичево со колата од едниот, оти утредента биле рано за на работа. По договорот се наоѓаат „поднапиени“ како што доликува на Водици…..арно ама колава не запалила, зема едниот го потурнува, пали колата и шоферот си продолжува со возење. Викал, викал другиот, – „стој бре да се качам“, ама ништо. Едно време со колата шоферов застанува во Кичево, населба Карпош и му вели: ….. „ Ајде слегувај Војо, стасавме дома“……Од кога сфатил дека го оставил в Ижишта, се вратил, ама влегол в „тефтер“ за навек.

Случка седма, доаѓа на Водици наш близок роднина. Доаѓал и порано, како помлад пред 15 – тина години. Тогаш крепеше, четири – пет пати во денот очукај се, предреми дома малку и пак вклучи си се со водичарите. Мислејќи дека „времето застанало“ за него, пак си е рече по иста рецептура. Уште од Црква до дом, беше „одземен“. В дом се испружи ко дабче. Веднаш „ургентна екипа“ од 5 – мина го превзема и го носи дома кај нас на реанимација. Син ми знаејќи дека тој е инвалид, со вештачка нога до бут, за да не им прави проблем, му ја извадил и ја префрлил на рамо и тргнал напред, а останатите 4 – ца за раце и нозе дренкокош, по него. Стигнуваат кај куќите, Налкоски, Пурески и Бајдески, а жените излезени пред куќи. Ко виделе само нога носи син ми на рамо, а „пациентот“ ко леш, писнале да редат:

….- Леелеее, голема несреќа во селово, некому нога скинале, Ооффф ова не било во Ижишта, ……..Ааааах се расипаа Водиците ова година“ ………

……… „Не се секирајте“, ги утешил син ми ….овај нашиов ко ќе сотрескат, се расштрафујт на делој“.

Утредента вториот ден – Женски Водици „главниот збор“ го имаат жените. Во црквата се распашува стариот Божи Кум и му го предава кумството на новиот. При предавањето се пее Водичарската песна – Света Недела :

„Рано заспала Света Недела

Меѓу два друма, два манастира.

Тука помина сам Свети Јован

В раце носеше бакарно котле

И во котлето сребрено крвче

И на крвчето китка Босилек

Ем ја поштрка, ем ја разбуди

Стани ми стани Света Недело

Денеска ми се до два празника

Свети Недела, ем Свети Јован.

Гора мириса Темјанојна

Темјанојна, босилкојна

Во гора има црква, манастир

А во црквата девет попои Девет попои,

десето ѓаче Десето ѓаче Николче

Книга читаше, служба служеше

Служба служеше Бога молеше

Поле да роди вино и жито.

Ајде станете селани

Ајде станете крст да одврзете

Да распашате старега кума

Да запашате новега кума

Да се распаше в поле бериќет“

zenski vodici

Zenski vodici2

Женски водици При церемонијалот на предавањето на паричето од крстот, стариот Божи Кум прашува дали некој изгубил париче, се јавуваат новите Божи Кумови кои треба да го превземат домаќинството догодина и тврдат дека е нивно. Тој прашува дали ќе дадат нешто за паричето, а бидејќи тие не даваат ништо, „зошто е нивно отсекогаш“, ги „бесат“. Тогаш новите кумови фрлаат паричиња, костени, бомбончиња, пченица, како симбол за плодна година. Се смета дека земање на дел од фрленото носи среќа цела година. Повторно исто е се, само што плус на „менито“ за жените се ставаат и благи. Овој ден жените раководат со музиката повторно влегувајќи во секоја куќа. Поранешните жени имаа повеќе храброст, смисол за хумор, па редовно ставаа на долг стап „колбас со црна волна и две тркала“ одлична симболика и имитација на машки полов орган, чукајќи по вратите од куќите на домаќинките. „ Е ај не отвори да те видам“, можеби и може но по цена на колективна клетва …… „да дајт Господ не го видиш до година“………… е се сомневам дека некоја од домаќинките, би се инаетела до толку со Бога Вечерта после целосната обиколка на селото, цело село се собира на „игранка“ во домот. Тука завршуваат Водици, вообичаено после 12 h.

„Амбасадорско“ оро
„Амбасадорско“ оро

Колку ли само пати во животот сум посакувал Водици да биде два пати во годината, за да можам сите драги лица да ги видам повторно, да се насладувам на музиката, да се глупирам без шема, а никој да не ти замери. Напротив. Ние Ижиштани во тие денови дишеме како едно тело. Нашата гостопримливост, дружба, топлина, човекољубие надалеку прочуена, дури во интернационални рамки, до Амбасадорите во Р.М. Ги имаме како гости секоја година, кај нас. Ако за ништо друго, барем нека слушнат дека во песните пееме без географски додавки на името: …..„Народе Македонски, Македонијо мајко страдалнице“, …„Ништо не те плаши Македонијо“…..Едно имаме, во душата го носиме“…..„ За многу години Македонци“ ………..

Vodici Izista
Германскиот амбарадор во Република Македонија, Ралф Андреас Брет, на Водици во Ижишта

Wilkomen за германскиот амбасадор Ралф Андреас Брет. Шнaaапс, 3 – 4 куќи после, само слушнав very difficult и ги снема амбасадориве !!! Покрај другите амбасадори, дојде на гости на Водици и Ференц Кекеши, амбасадор на Унгарија во Македонија. Од кога разбра колку куќи се направени од австро – унгарски пари на нашите предци – печалбари, поинаква тема завзеде разговорот со него. Во секоја куќа слики на наши печалбари со потписи на Унгарски, сликари Унгарци. Почуствува топлина човекот, се најде како во „свои“. „Извадивме“ 2 – 3 Ижиштани кои перфектно зборуваат Унгарски…….. Тврдам, видов, го почувствував тоа…….дека во признавањето на Унгарија со нашето уставно има дел, заслуга и на нас Ижиштани !!! Не знам дали постојат поширокоградни луѓе како домаќини на Водици од нас Ижиштани. Не помнам кавга, а пак не дај Боже тепачка помеѓу соселани на Водици. Дури, имало случаи на давање – земање помеѓу две куќи па развод на брак и нормално нетрпеливост, но за Водици без еден збор настрана. Почина постар човек во Кичево на Машки Водици близок роднина, дедо на Божи Кумовите, а тие не му соопштија на селото, само за да не се расипува веселбата за Водици !! Адетот, аманетот и насиетот на нашите предци, овој ден да сме тамо, да сме заедно и сложни, ни е пред се и над се !! Ги повикувам сите добронамерници, сладокусци по добра музика и провод, да дојдат на Водици во село Ижишта, да се уверат во широчината на духот, топлиот ижишки карактер на нас Ижиштани. Сите куќи ширум отворени ! ЗА МНОГУ ГОДИНИ…………

ПОЕЗИЈА ОД ЗОРАН СТОЈАНОСКИ – ЧЕЛЕНТАНО

Извадоци од книгата: БЕШЕ ЕДНАШ ВО КИЧЕВО

Имај разбирање, Господе

За желба искрена, чедна

Иако знам дека твојата

Секогаш е последна.

Кога ќе сум крај со емисијава

И кога никој за мене не ќе мари

Тогаш да не ме заборавиш

Да не ме оставиш без пари.

Да појдам од кај што тргнав

И прв пар чув за Ќираца, петок, сабота

Ти знаеш дека за нас Ижиштани Водици се Света работа.

Да се искачам горе на тумбено

Со свеќа за нашите светци

Да го исполнам насиетот

На моите предци.

Тие така ми велеа За Свети Јон таму да бидеш

Тие така ме учеа

Кај да си, дома да идеш.

На гробот на дедо ми

Со греана ракија на сите убави нешта бил мераклија.

Па да ги соберам сите музики Водичарски да ми свират

Душата в младост да одлета Дамари да се смират.

Да ги накитам со пари од сите страни

Ко мијачки невести да бидат В нозе да идат по мене

Да не можат небоно да го видат.

Со Симота Бајде и дружина

едно тешко да врземе

земјата под нас да се поткрева

Водине да и врземе.

Имај разбирање Господи

за мерак што не се мери

За желба искрена, чедна

Иако твојата е последна.

 

 


Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако