Општина Кичево нема пари за греење, ама има за нови вработувања во училиштата

Opstina Kicevo golema

Вкупно 37 нови вработувања во кичевските училишта „Санде Штерјоски“ и „Ѓерѓ Кастриот-Скендербег“ (село Србица) се распишани во петочните огласи објавени во Лајм и Утрински Весник. Се бараат наставници, администратори, психолози, хаусмајстори, ложачи на парно…

ОУ„Санде Штерјоски вработува“ 30, а „Ѓерѓ Кастриот-Скендербег“ 7 луѓе.  Новите вработувања само во „Санде Штерјоски“ ќе го чинат буџетот на општина Кичево точно 531 283 денари секој месец, додека вработувањата во училиштето во Србица уште околу 120 000 денари иако за нив во огласот не се наведени висините на платите за кои заинтересираните треба да аплицираат. Вкупно околу 650 000 денари месечно.

КичевоМк претходно направи анализа за (пре)вработеност во кичевските училишта. Со новите вработувања, училиштето во село Србица ќе биде нов рекордер со по еден вработен на секои двајца ученици.

Во училиштата „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Др. Владимир Полежиноски“ со наставен Македонски јазик, каде поради немање на греење учениците цел месец не одат на настава, општината Кичево се изјасни дека нема пари да им обезбеди греење. Во другите училишта наставата се одвива нормално и без пречки.

Огласите за вработување траат до утре, 25 ноември, а изборот ќе се извршел „во законски разумен рок“.