Првото училиште на македонски јазик заборавено од државата

Од училиштето во селото Подвис, Кичевско, каде што првпат се одвивала настава на македонски јазик, во септември 1943 година, на првата слободна територија во Македонија, денес е останата само урнатина, зарастена во трње и грмушки, а дотаму не може да се стигне со возило, иако оваа зграда е оддалечена само еден километар од магистралниот пат Кичево – Охрид.

Во годините кога во Македонија значително се инвестира во заживување на обележјата од националната историја, еден исклучително важен белег целосно е заборавен од државата. Тоа е училиштето во селото Подвис, Кичевско, каде што првпат се одвивала настава на македонски јазик, во септември 1943 година, на првата слободна територија во Македонија. Денес од ова училиште е останата само урнатина, зарастена во трње и грмушки, а дотаму не може да се стигне со возило, иако оваа зграда е оддалечена само еден километар од магистралниот пат Кичево -Охрид.

– Додека училишната зграда беше во добра кондиција, на неа беше поставено спомен-обележје, што посочуваше дека тука првпат во земјава се одвивала настава на македонски јазик. Но под товарот на годините и човековата негрижа, училиштето почна да распаѓа и да се урива. Пред неколку децении од Дирекцијата за заштита на културните споменици побаравме да се изврши санација на училишната зграда. За жал, не постоеше интерес од таа страна, не се интервенира и објектот од ден на ден се претвора во урнатина. Откако жителите на Подвис увидоа дека државата нема интерес за негова ревитализација, ја дислоцираа спомен-плочата и ја донесоа во селото – вели Добре Лазарески, едно од седумте деца на првиот учител на македонски јазик во Македонија, Василко Ристески од селото Подвис.

Дополнителни напори вложи и довчерашната општина Другово, на чија територија се наоѓа селото. Од нивна страна беше побарано да се реконструира објектот, целосно да се изгради нов пат, за да можат луѓето што транзитираат по магистралниот пат Кичево – Охрид, потоа училишни екскурзии и добронамерници, да го посетат овој локалитет.

– Уште во првата година од мојот мандат за помош се обративме до Министерството за култура, но министерката Канчевска-Милевска ни посочи дека овој објект не е во нивна надлежност, туку за помош треба да се обратиме до Дирекцијата за заштита на културното наследство. Во повеќе наврати ја посетивме оваа институција, разговаравме со нејзиниот директор Паско Кузман, но секогаш добивавме еден ист одговор, дека моментно нема пари за санација на училиштето и во блиска иднина да не сметаме на нивна поддршка. Ние како мала и сиромашна општина не можевме ништо да промениме, згора на тоа, училиштето како заштитен споменик на културата е од поширок општествен интерес и затоа неговата реконструкција требаше да ја финансира државата – рече досегашниот градоначалник на општината Другово, Добре Никоски.

Инаку, од таа генерација ученици од селата Подвис и Пополжани сѐ уште се живи Драге Дамјаноски, Стамболе Божиноски и Благица Ристеска, ќерка на првиот учител на македонски јазик.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија