Закани за убиство на Цариградскиот Патријарх

Јавниот обвинител во Анкара започна истрага по претходни наводи дека се подготвува атентат против Цариградскиот Патријарх Вартоломеј I – јавува турската телевизија НТВ.

Истрагата започнува по писмото кое било испратено од Кајсери, централна Анадолија, во кое се наведува дека врз Патријархот ќе биде извршен атентат на 29 мај, по повод 560-годишнината од освојувањето на Истанбул (тогаш Константинопол) од Османлиите.

Полицијата уапсила едно лице, додека по две сеуште се трага. Тие неодамна пристигнале во Истанбул. Уапсениот С.А. ги негирал обвиненијата и рекол дека во Истанбул дошол во посета кај свои роднини.

Обвинителот во Кајсери го предал досието на обвинителот во Анкара.

Истрагата открива дека С.А. е осомничен дека уште во 2008 година имал испратено писмо во кое се заканува со убиство на патријархот.

Цариградската Патријаршија постои уште од времето на Византија која опстојува до денешни дни, а Цариградскиот Патријарх се смета како „прв помеѓу еднаквите“ во Православниот свет. Сместена е во квартот Фенер каде е постојано обезбедувана од големи полициски сили поради постојани закани од насилства.