Зошто градоначалникот Фатмир Дехари ја напушти свеченоста за автопатот во саботата?

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари во саботата демонстративно ја напуштил свеченоста по повод отпочнувањето на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид. Оваа негова реакција беше мирно проследена од страна на неговите сопартијци кои останаа да ја проследат манифестацијата до крај.

Во дел од медиумите на албански јазик кратко беше пренесена неговата изјава дека „не било почитувано користењето на албанскиот јазик“, што не е точно бидејќи пред присутните, на албански јазик свое обраќање имаше вицепремиерот Муса Џафери. Друга верзија е дека на Дехари не му било дозволено да биде еден од говорниците на манифестацијата од страна на кабинетот на премиерот Никола Груевски.

Но во јавноста подолго време кружи веста за внатрепартиска нетрпеливост помеѓу Фатмир Дехари со неговите соработници од една страна и Фазли Велиу, Муса Џафери и Али Ахмети. Несогласувањата излегоа на виделина кога пред еден месец во Кичево се одржа манифестација на посмртно беше одликуван албанскиот диктатор Енвер Хоџа, при што дел од публиката ја напуштила манифестацијата.

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид кој е дел од Коридорот 8, е една од најзначајните инвестиции која отвора огромни можности за развој на кичевската економија и на регионот воопшто. Од позиција на градоначалник на Кичево, Дехари нема никакво оправдување за таква постапка, а проблемите со неговите сопартијци не смеат никако да се одразуваат во функционирањето на општината.

За скоро една година откако ја презеде функцијата тој не успеа да се прикаже како градоначалник на сите кичевчани, а последните настани дополнително ја усложнуваат целата ситуација во Кичево. Би било добро да се замисли до каде водат овие постапки.