Зошто вредиТ да си од Кичево?

 

Кога ќе те прашаат: „Од кај си?“, ти им викаш: „Од Кичево“. Е, често пати потоа те гледаат коцкесто бидејќи врска немаат каде е тоа Кичево. А, богами, треба да имаат. Можеби те фрустрира што тоа се случува, ама не треба. Не си паднат од Марс, од Кичево си. ЕЕЕЕЈЈЈ, ОД КИЧЕВО! Општественици кои дале значаен придонес за Македонија, револуционери, политичари, уметници, пејачи, спортисти, бизнисмени, професори, знајни и незнајни градители, преродбеници, просветители, светители… место на големи битки и големи подвизи… од сево ова има токму во Кичево. Ретко кое место ги има. Затоа ич не се фрустрирај, потруди се да си го заслужиш своето место во списоков:

  • Свети Александар (IV век) христијански маченик и светец има храм само во Кичево (Белица). Веројатно и самиот потекнува оттука.
  • Кита, сестрата на Крале Марко е кичевчанка.
  • Предците на Мустафа Кемал Ататурк, (светски државник и татко на современа Турција) имаат потекло од Кичево, пред да се преселат во дебарски Коџаџик.
  • Кичево е едно од најстарите христијанизирани места во Македонија (III-IV век). Помеѓу првите христијани биле и кичевчани
  • Во Кичево има над 200 цркви од кои половина опстојуваат до денес. Најстарата (Свети Ѓорѓи Кнежински) е стара околу 1600 години.
  • Во Кичево, (село Речани Челопечко) се произведувала свила пред 500-600 години.
  • Просветителот Јоаким Крчоски е од Кичево
  • Преродбеникот Кирил Пејчиновиќ творел долго време во манастирот Пречиста
  • Дедо Козма Пречистански (село Орланци) владика и борец за народно ослободуваење на Македонија е од Кичево
  • Јероѓакон Јосиф Пречистански, духовник и револуционер од манастирот Пречиста
  • Манастирот Света Богородица Пречиста крај Кичево бил еден од главните центри на писменоста во Македонија. Поседувал голема библиотека. Делови од неа се наоѓаат по архивите во Македонија и странство. Изгорена од грчкиот дебарски владија Мелетиј (1849).
  • Манастирот Свети Ѓорѓија (село Кнежино, Кичево) бил фрескоживописан од познатите мајстори Михајло и Ефтихиј, едни од најпознатите во средновековието. Овој духовен центар сеуште не е доистражен.
  • Поп Тома Николов (село Вранештица), свештеник и македонски револуционер, претставник од Кичево на Смилевскиот конгрес.
  • Дамјан Груев, еден од основачите на ВМРО има потекло од Кичево (Мијак од некогашното село Лопушник)
  • Фудбалот во Кичево се игра еден век. Првата фудбалска топка во Кичево (село Велмевци) е донесена во 1909 година.
  • Јордан Пиперката (Козица), Арсо Мицков (Подвис), Ванчо Србаков (Вранештица), Наќе Јанев (Лавчани), Дуко Тасев (Јудово), Симеон Савев (Јагол), Димитар Спространов,  Васил Попов, Анѓеле Бунгуров, Стојко Богданоски (Пополжани), Лазор Груески (Белица), Стојко Богданоски (Пополжани), Александар Радески (комита во четата на Александар Турунџе), Костантин војводата (село Рабетино), Синадин Бомбашот (Брждани/Другово, го минирал турскиот затвор во Кичево, осуден на 101 година, живеел повеќе од 100 години)… се од Кичево и уште стотици повеќе или помалку познати но не и понезначајни револуционери од Илинденската епопеја.
  • Револуционерот Лука Ѓеров голем дел од своето комитаиџство го поминал во Кичево
  • Кичево де факто е првиот ослободен (накратко) град во Илинденското востание. Неколку часа пред ослободувањето на Крушево, во 1 по полноќ четите на МРО ја принудиле турската војска на бегство по што и самите се повлкле.
  • Во Кичево (месност Ѓурѓејца) се има одиграно една од најславните битки во Илинденското востание каде гради во гради се судриле четите на МРО со турската војска и башибозук. И однеле победа која го кренала моралот на населението низ цел востанат Битолски Округ. Покрај ова, се воделе жестоки борби во село Извор, Подуач кај Речани, низ Копачијата, кај бродското Теќе…
  • Кичево е првиот ослободен град (11 септември 1943) во Македонија за време на НОБ. Ослободувано е вкупно шест пати.
  • Првото училиште на народен македонски јазик е отворено Кичево (село Подвис). Предавал учителот Василко Лазарески
  • Народниот херој Мирко Милески, Олга Мицеска, Нико Пусоски, Јанко, Миха и Флора Михајлоски, Драге Карбуничанец, Томе Букле, Санде Штерјоски, Борис Алексоски Карче, Иван Трпески, Исеин Акиоски, Мемедалија Велиоски, Амит Челопечанец, Душан Јовески, Цветко Јаковлески, Стојмир Пантилески, Живко Туфекџиоски, Иван Трпески, Љубица Богеска, Драге Богески, Левче Стефаноски – Тарзан (Карбуница)… и стотици други се од Кичево.
  • Д-р. Владимир Полежиноски, творецот на асномските документи за слободна Македонија е кичевчанец
  • Др. Борис Спиров, лекар, револуционер, професор и втор претседател на македонското Собрание е од Кичево (Брждани).
  • Трене Миладинов (од Атишта), адвокат, ученик во Солунската гимназија, пријател на Гоце Делчев, Петар Поп Арсов, Јане Сандански. Стрелан за идеалот за самостојна Македонија.
  • Кочо Рацин работел во кичевско каде е убиен и почива на Лопушник, кичевско
  • Томе Момировски, македонски раскажувач, романсиер, есеист, критичар и преведувач е од Кичево
  • Горан Стојаноски, македонски писател е од Кичево
  • Актерот Гоце Тодоровски е роден во Кичево
  • Мето Петроски, македонски снимател, филмски и телевизиски режисер е од Кичево (Иванчишта)
  • Косара Гочкова, македонски писател за деца е од Кичево
  • Во Кичевско се зборува најчистиот македонски говор. Потврдено со истражување од пред 30-тина години.
  • Во Кичево од 1945 до 1991 постоеле групи кои активно се залагале за самостојна Македонија
  • Во Истанбул во луксузниот кварт Бајрампаша гордо се кажуваат дека се од Кичево.
  • Нико Букле, македонски филмски работник – снимател, е од Кичево
  • Љупче Угрин, градоначалник на Кичево од седумдесеттите, човек пред своето време. Мозок.
  • Миле Грозданоски, режисер на дел од серијалот „Тврдокорни“ и на многу други дела, е од Кичево (Бигор Доленци)
  • Професор Гордана Сиљаноска, Осман Кадриу, Мито Спасевски, Крсте Дејаноски, Ленче Петреска, Саша Дукоски, Иво Дукоски… и низа други општественици се од Кичево.
  • Академик Владо Матески е од Кичево
  • Академик Петар Христаќиев Илиевски е од Кичево (село Бигор Доленци)
  • Стојмир Симјаноски – Марсовецот, учител, писател и општественик, човек со младешка енергија на стари години, кичевчанец родум од Иванчишта.
  • Омер Калеши, сликар со светско реноме
  • Синиша Павлески, филателист и колекционер од Кичево
  • Калиопи Букле, македонската поп-дива е кичевчанка
  • Владо Јаневски, пејач со потекло од Кичево (Бигор Доленци)
  • Виктор Стефаноски „Шевињон“, успешен бизнисмен, од Кичево
  • Погодете зошто „Солета“ е највкусна? Зошто газдата е роден кичевчанец!
  • Фирмата Горсај.
  • Популарниот поп изведувач Драган Мијалковски е од Кичево.
  • Владимир Талески Двојче, битолскиот градоначалник, е роден во Кичево
  • Мето Колоски, претседател на Македонската Обединета Дијаспора има кичевски корени (село Белица)
  • Ракометарките и репрезентативки Наташа Коцеска, Даниела Новеска, голманката Дијана Наумоска… се кичевчанки.
  • ФК Напредок е клуб кој има 84 години традиција. Ретко кој друг клуб во Македонија има толку зад себе.
  • Кичевските пекари го прават најубавиот бурек во светот
  • Драган Силјаноски (екс Напредок) е еден од многуте успешни фудбалери од Кичево кои се пробиле во странските лиги. На добар пат тоа да го направи во Белгија е и Влатко Стефаноски.
  • Антонио Милошоски, поранешен Министер за Надворешни работи на Република Македонија и актуелен пратеник е кичевчанец
  • Илија Китаноски, поранешен градоначалник на Кичево, долгогодишен политичар и пратеник во Македонското Собрание. Кичевчанец.
  • Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е од Кичево
  • Македонскиот Амбасадор во Украина, Аце Спасеноски, (поранешен министер за Земјоделие) е кичевчанец
  • Војо Стојаноски, Биљан Стојаноски, Влатко Миладиноски, Дарко Стојаноски… и сите од фамилијата на големиот пејач на македонската народна музика се кичевчани (од село Букојчани)
  • Влатко Лозаноски, македонската поп ѕвезда е кичевчанец. Неговата сестра Марија е писател чие време допрва доаѓа.
  • Небојша Толески, македонски моден креатор е кичевчанец
  • Владо Толески, ретко успешен стопанственик од Кичево
  • Кичевската ликовна колонија, настан од светско реноме кој во Кичево го донесе врвот на светската уметност, а со тоа и го промовира Кичево во светот
  • Познатиот македонски рапер Тони Зен има кичевско потекло (Брждани)
  • Раит Ќорото, кларинетист кој се раѓа еднаш на векот
  • Адријан Гаџа влече кичевски корен по мајчина страна
  • Кичевските програмери Теодос Пејоски и Никола Миноски беа дел од тимот кој освои прво место на натпреварот за Самсунг Апликации. Нивната апликација Crack Your Screen е симната повеќе од 7 милиони пати на Google Play Market.
  • Пејачите Христијан Тришоски (победник на Мак Ѕвезди), Спасен Сиљаноски (еден од најквалитетните исполнители на народната песна), Перица Костоски – Џибит (своевремено свирел со Бело Дугме), Дарко Са Миладиноски (поп пејач)
  • Кичево има најголем број на кафиќи, кафани, клубови… по глава на жител во Македонија. „Еснафот кафе дома не пиет!“ :).
  • „Овдевака, онденака“ кој друг има толку точен збор во својот дијалект освен Кичевчани? Нормално, никој 🙂
  • Првиот кафемат во Македонија е донесен (нормално) во Кичево. Во Кичево еспресо, капучино (и сите други „чина“) се пиеле пред другите да дознаат за нив. Го донел газда Бедо Канзоски.
  • Познатиот македонски DJ Бабура (Љупче Петрески) е од Кичево (село Иванчишта)
  • Ангела Ставреска, дизајнерката на парфемот за Британската кралица Елизабета Втора е кичевчанка по мајчина страна (фамилија Новески)
  • Дејан Мицкоски – Бушман,  Dj Dee NYC Music producer, Dj & Manager во Њујорк. Пример за момче кое го следеше сонот… и успеа. Кичевчанец!
  • Веле Стојкоски, поранешен директор на Македонската Радио Телевизија. Кичевчанец.
  • Душан Ристоски од село Иванчишта Кичево професор, публицист и долгогодишен директор на Музеи на западна Македонија во НОВ Кичево, автор на многу историски трудови посветени на овој регион
  • Мирослав Спироски, долгогодишн новинар, аналитичар и општественик. Кичевчанец (село Србјани).
  • Милован Стефановски,  македонски писател. Кичевчанец.
  • Живко Новески, македонски поет и писател од Кичево
  • Зоран Стојаноски, поет и кичевчанец кој напиша цела книга посветена со носталгични песни за родното Кичево.
  • Бошко и Игор Трпески, татко и син, познати спортски водители од ТВ Сител. Кичевчани (село Раштани)
  • Љупчо Цветкоски, долгогодишен водител во Македонската Радио Телевизија.
  • Борче – Борис Лескароски – големиот карате мајстор кој повеќе од 30 години живее и работи во Швајцарија и Дејан Милошески Чобачо – карате мајстор, ја прославија Македонија и родното Кичево низ светот
  • „Аааааееее?“ „-ееееее!“ „иииијјаааааеееее“ – Дали во некој друг град со муабет од 4 букви некој може да се разбере подетално? Only in Кичево!
  • КУД „Нико Пусоски“ (65 години традиција), КУД „Бисер“, КУД „Младост“… (пишете ако заборавив некое) Културно уметничките друштва од Кичево кои со децении на врвен начин ја негуваат и презентираат пред светот богатата народна култура на Кичево и Македонија.
  • Бошко Тренески – Паганини, професор, музичар, уметник и долгогодишен директор на националниот ансамбл „Танец“, човек кој има освоено безброј награди и долго време го водеше хорот при гимназијата „Мирко Милески“. Кичевчанец
  • Музичката рок-група „Медузи“ кои во седумдесеттите и осумдесеттите години растураа низ Кичево и Македонија. „На кале растени“, кичевчани
  • Музичките групи од Кичево: Гвидони, Метална Крв, Аргус, Рејвен, Армагедон, Мегатон, Мелиса, Line Out, Рација, Зодијак, Слеп Хоризонт, Black Velvet, Dooble Trouble, Final Gate, Wendigo, Текран, 4 Free… (сигурно пропуштив, надополнете ме), млади деца од ученичките клупи кои растураа за време на викендите.
  • DJ-ите од DBR група (Dimitry Mk, N-kola Ilievski ), Арди Флекс, Панишер, Боше, Даџе, Лабе (колку „лета господови“ сме поминале со неговата музика во Стефано…), Бушман (споменат погоре), Бранчез… (сигурно пропуштив, надополнете ме) кичевските DJ-и, едни од најдобрите во Македонија…
  • Тане Стефаноски, музичката енциклопедија, DJ, човекот кој многу придонесе за развојот на квалитетната музика во Кичево со децении наназад. На прсти се бројат луѓето во Македонија кои го имаат неговото музичко познавање. Ние го имаме тука, кај нас, во Кичево
  • Слободан Милошески, вајар од Кичево, автор на спомен обележјето посветено на Првото заседание на АСНОМ
  • Лилјана Седлар, глумица играше во Популарната серија од осумдесеттите „Бољи живот“. По потекло е од село Кнежино од фамилија Миноски
  • Благојче Наумоски – Бане, млад уметник од Кичево
  • Јован Наумоски, уметник и фотограф од Кичево
  • Илина Арсова, првата македонка која се искачи на Монт Еверест е по потекло од Кичево, внука на акедемикот Петар Хр. Илиевски од село Горно Бигор Доленци – преселени во село Староец

 Листата е непотполна. Помогнете во нејзиното надградување со ваш предлог или најдобро со вашето лично достигнување во животот! ДА ЖИВЕЕ КИЧЕВО!