100 години од Тиквешкото востание

Кавадарци пред стотина години

Нa денешен ден пред 100 години, на 19 јуни 1913 година во Тиквешкиот регион (Кавадарци, Неготино, Ваташа и останатите поголеми места од тој крај) избувнува вооружено востание познато како Тиквешко востание. Востанието во Тиквешијата претставува прв и најмасовен вооружен отпор на населението против српскиот окупатор, веднаш после Првата балканска војна, и е едно од позначајните македонски востанија. Ова востание претставува прв појавен облик на масовен отпор на македонскиот народ, во делот на Тиквешијата, против новиот, српски окупатор, кој го заменил неколкувековното турско владеење. Од денешен аспект, многу е важно, кога зборуваме за Тиквешкото востание од 1913 година да имаме чист историски пристап со цел да се согледаат причините за востанието, неговите стожери, нивните цели и последиците од истото по населението во тиквешкиот крај.

Ова затоа што порано, па дури и денес, овој настан во македонската историографија беше благо речено анатемисан, како последица на поранешното систематско и режимско квалификување на настаните од 19 – 26 јуни 1913 година од страна на југословенската историографија. Поради ваквите квалификации, македонската јавност (дури и историчарите) долго време не беше воопшто запозната подробно со ова востание.

Востанието е подигнато од војводи на ВМРО (Васил Чакаларов, Христо Чернопеев, Дончо Лазаров, Михаил Шкартов, Коце Сеизов, Диме Пинџуров, Тодор Камчев) и во него масовно учество зело  населението од Тиквешко. Било ѕверски задушено од српските војски во сојуз со србомански, турски и албански пљачкашки банди.

Македонско семејство од Тиквешко

Според спомените на самите учесници во востанието, како и според македонските историчари д-р Зоран Тодоровски, д-р Александар Апостолов, Петре Камчевски и други, ова востание има чист македонски карактер, односно тоа претставува народен отпор против политиката на новиот окупатор. Познато е дека со доаѓањето на Србите во Тиквешкиот крај, во меѓупериодот помеѓу двете Балкански војни, потполно била заменета дотогашната администрација, учителите и свештенството во овој крај со српска администрација, српски учители и свештеници. Сакајќи во целост да ја спроведат доктрината на Илија Гарашанин од 1844 година содржана во неговите “Начертанија”, веднаш новите власти пристапиле кон политиката на “србизирање” на локалното население, како и воведувањето на српскиот јазик како единствен официјален јазик. Нормално, оваа присилна политика била отфрлана од населението, по што следувале репресиите за најбунтовните, при што многумина биле затворени, тепани а неколку жени биле обесчестени од страна на српските офицери.

На востанието му претходат неколку настани коишто особено го зголемуваат револтот. Имено, едно момче, по име Александар Видов, е убиено само поради тоа што изјавува дека не се чувствува како Србин. Една млада невеста од Ваташа, веднаш по нејзината свадба е силувана од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена, меѓу кои и деца.

Баба Наца Пинџурова. Стоечки преживеала многу несреќи и доживеала длабока старост.

Сурово била мачена и бабата Наца Пинџурова, мајка на револуционерот Димитар Пинџуров и баба на хародниот херој Страшо Пинџур.

Овие своеволни постапки, како и претходните репресии врз населението биле причини населението да се крене на вооружено востание.

Васил Чакаларов, костурски војвода. Се истакнувал со својата безгранична храброст и пожртвуваност за сопствениот народ.

Имено, подготовките за востанието траеле неколку месеци пред истото да избувне. Бил формиран Револуционерен штаб за раководење на востанието, во кој влегле истакнатите тиквешки војводи Мишо Шкартов, Дончо Лазаров, Коце Сеизов, Пано Измирлиев, како и Ристо Михов, Тасе Мурџев, Тодор Камчев, Димитар Пинџуров, Милан Анастасов и други. Посебно охрабрувачки за организаторите на востанието бил фактот што Околиското раководство на Кавадарци било известено дека четите на ВМРО на Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Ѓакон Евстатиј, Ефтим Спространов, Милан Ѓурлуков се наоѓале на десниот брег на реката Вардар и се подговтвулале да се префрлат во Тиквешкиот регион, а големата чета на Христо Чернопеев била стационирана во близината на Неготино. Земајќи го предвид учеството на локалното население, потпомогнато со четите на ВМРО слободно можеме да кажеме дека овој настан има автохтон македонски карактер, и не претставува некаква провокација за туѓи интереси.

Востанието започнало на 19 јуни 1913 година. Вкупно биле вооружени околу 1000 востаници, од кои 200 биле

Васил Чакаларов, костурски војвода, еден од најголемите херои во Македонската историја. Се борел и против Турците и против Грчките андарти и против Србите

обични граѓани кои земала пушка в раце, а останатите 800 биле комити од четите на ВМРО. Во борбите кои се воделе помеѓу организираното население потпомогнато со четите на ВМРО под водство на претходно споменатите војводи и помеѓу српската војска, биле ослободени Кавадарци, Неготино и околу 50 села во Тиквешката околија, кои се наоѓале од десната страна реката Вардар, од селото Паликура на север до Демир Капија на југ, и од Криволак на исток до Радња и Рожден на југозапад.

Градот Кавадарци бил слободен цели седум дена, од 19 до 26 јуни, а шест дена градот бил под власта на револуционераната управа и под заштита на востаниците. На општинската зграда во Кавадарци цели седум дена се веело тиквешкото револуционерно знаме на ВМРО од Илинденскиот период. Знамето подоцна било конфискувано од српските власти и однесено во Белградскиот архив, кој за време на бомбардирањето во 1941 година бил изгорен и со тоа знамето, како значаен свидетел на востанието изгорело.

Градот Неготино бил ослободен на 22 јуни 1913 година, од четите на Христо Чернопеев, Петар Чаулев и Панајот Каранфилов. Веднаш биле протерани српските власти и била воспоставена управа која ја преземала власта во свои раце.

Сепак, во екот на најжестоките борби и храброто опстојување на востаниците на своите борбени позиции, на четите на ВМРО им било наредено да се повлечат кон Радовиш, а на останатите во своите реони на дејствување. Со тоа, тиквешките востаници, заедно со четите на Чернопеев и на Чаулев, останале осамени против српските воени единици кои почнувале да се прегрупираат. На српската војска, на помош им доаѓаат четниците на Василие Трбиќ, Јован Бабунски и Јован Долгачот, а исто така и башибозукот на Јаја-ага. Со тоа соодносот на силите бил насразмерен во корист на српските сили. Навлегувајќи во тиквешките села, четниците и башибозуците на Јаја-ага извршиле невидени ѕверства, безмилосно пресметувајќи се со недолжното население. Немало место во кое не биле извршени мачења и ликвидации. Биле силувани многу жени, пљачкосување и запалени многу куќи и дуќани.

Српски четник

Соочени со невидените ѕверства и освети од страна на окупаторот, голем дел од населението почнало да се повлекува кон планинските села. Најголем дел од бегалците од Кавадарци и од соседните села се засолниле во селата на падините на Кожуф Планина, а оние од Неготино почнале да се повлекуваат кон Радовиш и Штип. Со тоа, Тиквешкото востание било крваво задушено. Многу недолжни луѓе биле убивани, мачени и затворени, а истата судбина ги снашла и бегалците по нивното враќање иако им било ветено “во името на крал Петар” од српската власт дека доколку се вратат нема да трпат никакви последици.

За последиците од Тиквешкото востание, различните извори, како што се оние на Карнегиевата комисија, Кирил Прличев, на Блажо Видов, Ангел Петров оперираат со разни бројки на жртви, измачувани луѓе, запалени куќи и села. Со сигурност можеме да кажеме дека населението од овој крај претрпело огромни загуби. Во востанието загинале повеќе од 1000 тиквешани, од кои на над 500 лица со сигурост им знаат имињата. Само како илустрација ќе наведеме дека 150 луѓе од Кавадарци биле врзани на колје во центарот на градот и биле оставени 30 часа на пеколното сонце. Потоа, овие луѓе заедно со уште 50 други кавадарчани, кај месноста Полјаната биле стрелани од српските окупатори. Треба да се нагласи дека поголемиот дел од жртвите се од Неготино и околните села. Според Карнегиевата комисија Тиквешијата биле изгорени повеќе од 1000 куќи, биле запалени десетина села и биле затворени и малтретирани повеќе од 2500 луѓе. Овие бројки зборуваат за карактерот на дејствата преземани за справување со локалното население. Вкупниот и точниот број на жртви од тој најкрвав настан во современата македонска историја никогаш не е утврден.

Бруталноста со која е задушено и злосторствата кои се направени од српската војска во содејство со домашните србомани ги надминале сите злосторства од минатото. По востанието многу семејства засекогаш ги напуштиле домовите или едноставно биле протерани. На нивно место, на најплодните површини се колонизирани доселеници од север.

Во востанието, за последен пат заедно дејствувале војводите Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Ѓакон Евстатиј, Ефтим Спространов, Милан Ѓурлуков, Дончо Лазаров, Коце Сеизов, Тодор Камчев, Михаил Шкартов… Само неколку месеци после Тиквешкото востание, во Вардарска Македонија се крева уште едно востание против српската окупација, овој пат во Охридско-дебарскиот регион, вклучително и Кичево.

Историјата не треба да предизвикува нова омраза, да повикува на одмазда, но треба да памети и да предупреди.

Пред неполни 4 години локалните власти во Кавадарци подигнаа споменик во чест и спомен на востанието кое беше осудено на заборав. Сега ќе ги паметиме!

Вечна им слава на жртвите паднати за време на Тиквешкото востание!

Спомен плоча посветена на жртвите од востанието. Бројката е земена според извештајот на Карнегиевата комисија. Се смета дека бројот на убиени надминува 1000 жртви.
Exit mobile version