110 години од смртта на Гоце Делчев – апостолот на Македонија

Денес се навршуваат точно 110 години од убиството на Гоце Делчев во село Баница, Егејска Македонија. Претходно предаден, по тешка битка со турската војска, Гоце Делчев не успеал да го пробие обрачот кој бил поставен околу селото.

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија. Бил доста интелигентен, извонреден организатор и инспиратор на широките народни маси во поробена Македонија. Со него, македонското ослободително движење добило нов импулс во дејствувањето. Поради тоа е наречен „срцето на револуционерна Македонија “.

Одејќи на Смилевскиот конгрес каде требало да ги образложи своите гледишта против кревање на востание за кое сметал дека е сеуште неподготвено, Гоце Делчев бива предаден и убиен. За неговата смрт се дознава во текот на одржувањето на конгресот каде сепак било одлучено да се крене востанието.

Неговите посмртни останки се пренесени во Софија, со аманет еден ден да почиваат во престолнината на независна Македонија. По ослободувањето на Македонија во 1946 година, неговите посмртни останки се пренесени во Скопје, главниот град на слободна Македонија, каде и денес почиваат во црквата Свети Спас.

Народот го опеал Делчева во народните песни како јунак за каков бил доживуван секаде каде ја проповедал идејата за слободна Македонија. Неговото дело ќе инспирира илјадници македонски генерации до конечниот пат до слободна и независна Македонија! Неговите мисли и погледи ќе ги надминат границите на Македонија вбројувајќи го Делчев во еден од најголемите визионери на своето време. Неговите гледишта остануваат безвременски!

Секогаш благодарни што те имавме! Вечна слава, Апостоле!