Правниот факултет ќе отвори 240 места за постдипломци

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола го објави конкурсот за запишување на втор циклус студии, познати како постдипломски студии за следната академска година. Според објавениот конкурс, за едногодишни и двегодишни магистерски студии овозможени се 2.305 слободни места за сите високообразовни институции на овој Универзитет.

На Техничкиот факултет може да се запишат 315 дипломирани студенти, на Економскиот факултет во Прилеп огласени се 420 места, на Факултетот за туризам и угостителство 210, на Педагошкиот факултет 160 места, а постдипломски студии ќе бидат организирани и на Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи за 180 студенти, Факултет за безбедност-Скопје за 250 студенти, Правен факултет-Кичево ќе може да запише 240 идни постдипломци, додека Технолошко-техничкиот факултет-Велес има можност за 90 студенти.

Освен во овие универзитетски единици, постдипломски студии ќе бидат организирани и во научниот Институт за тутун во Прилеп каде ќе може да се запишат 40 студенти.

Во новата академска година втор циклус специјалистички стручни студии ќе бидат организирани на Факултетот за биотехнички науки каде има место за 50 студенти и на Високата медицинска школа каде има место за 150 студенти, информираат од секторот за односи со јавност при Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Првиот упсен рок ќе биде организиран од 3 до 12 септември, вториот уписен рок од 3 до 10 октомври, додека третиот уписен рок ќе се врши во периодот од 22 до 29 октомври.